Денес малце се занимавав со едно од многу ретките нешта што ја симнуваше оценката на ентериерот на 8/10 - возачкото седиште.
182.000 километри и 14 години седни/стани кој знае колку пати во денот се кобни и за најквалитетната вистинска кожа, а Alfa Romeo става навистина квалитетна кожа во своите коли, особено од оваа генерација.
Побарав понуди од тројца поединци што се бават со ова, и цените беа од 2000 до 6000 денари. Тие 2000 ќе ги платев, супер цена е за трудот, ама човекот е од Тетово и треба да ја работи колата цел ден - па не се решив.
Се решив да си нарачам боја за кожа од Тему за 300 денара

и да се учам сам, што во најлош случај ќе ме кошта 2300 денари и пат до Тетово.
Па, да почнеме прво со алатите и орудијата што ми неа потребни:
- шпатулки за мешање и нанесување боја
- стапчиња за уши за фини работи
- фен за коса (за побрзо сушење на слоевите)
- шмиргла 600/800/1000
- средство за чистење кожа и четка
- алкохол 70%
- тоалет папир
- папир за печење (за мешање боја)
- влажни марамици од Стокомак (веројатно потопени во течен ураниум зошто све вадат)

И китот од Тему кој се состоеше од:
- црна боја за кожа
- светло сива боја за кожа
- две сунѓерчиња за мачкање/нанесување

Процесот е доста едноставен, и почнува со убаво чистење со средство, сушење со фен, бришење со алкохол, и потоа шмирглање со градација по желба. Јас тука почнав со 1000, и намалив на 800 бидејќи ситната не можеше да израмни.
Потоа, стручната литература која ја конзумирав (читај јутуп туторијали) викаше првиот слој да послужи како кит за поплнување на поголемите дефекти.

Го исушив со фен овој слој, но препорачувам да не го сушите до вакви линии, зошто ќе ви се ебе пиперот кога ќе треба да ги израмните. После прво шмирглање, изгледаше вака:

Потоа следуваше мешање на црната и сивата боја за да добијам некоја блиска нијанса, но црната боја има некој син пигмент во себе, па успеав да добијам само 90% од точната нијанса. Кој знае - ќе примети, кој не знае - веројатно нема да му падне во очи.
И идеме директно на финален резултат бидејќи немав ракавици и се умацав до лакти во боја:
Горен дел:

Долен дел:

Тетката што ја имала колава имала канџи на раце, и кога кревала рачна го гребела седиштето:

Дали сум задоволен? Да, резултатот сега е за мене задоволителен, особено за 300 денари и нешто помалце од 3 саати време.
Дали ќе трае и дали ќе ми исфлека облека? Сабскрајб ту фајнд аут.