Здраво на сите. Ми се допаѓа што во carclub форум, има и дел каде што би зборувале за греењето по дома.
Па овака, ова е мојата приказна и одлука.
Живеам на спрат од куќа (изградена 2022 година), истата има термоцигла 25цм + 8цм стиропор. Плочата под мене и над мене има стиропорни монти и стиродур на подот помеѓу паркет и кошулица. На спратот под мене (фактички ќе му дојде само под дневната, бидејќи таа е површината на приземје, живеат баба ми), на таван-поткровјето над мене нема ништо. Имам околу 95м2 површина со некои 2.6м висина на плафон. Прозорците ми се Рехау со 2-стакла, мислам некои 5-коморни (не се најпремиум и немаат највисока изолација).
Поминав две зими со греењето со Hyundai 5.5Kw инвертер, која што се наоѓа во дневната и ги "затоплував" уште спалната и уште една соба која ја користам за работа. Дневната е некои 32-33 м2, спалните некои 12м2 по спална, и заедно со ходникот од некои 7-8м2. Вршеше работа и доста евтино, но греењето не е тоа тоа, посебно со една клима не можеш да затоплиш повеќе простории. Исто така и ВЦ-то од 8м2 беше многу ладно и морав да ставам греалка што дува за да ја одбегнам потенцијалната мувла и влага. Од аспект на цена, само климата сама по себе немаше потрошено над 4000 денари во месец, што воопшто не е скапо за во куќа.
Кога беше изведена куќата, ставена беше инсталација за парно + радијатори (имам некои 100-105 ребра). Многу, многу се мислев дали да ставам топлинска пумпа, или котел на пелети бидејќи и двете опции ми беа возможни, со исклучок дека топлинската пумпа ќе беше некои 2-2.5х поскапа (премиум бренд). Многу бев скептик бидејќи имам поврзано радијатори, кои што би барале над 50*ц температура на вода за да бидат топли и загреваат, а за тоа се намалува драстично SCOP и потрошувачката би била доста поголема во струја.
Јас се одлучив за котел на пелети - Термофлукс Интерио 18, што можеби е малку предимензиониран за мојата квадратура и изолација, но немаше ништо од Термофлукс котлите што е послабо. Порано имало и Интерио 15, но сега по ново има само 18 и 25. Јас планирам да го користам само во поладните денови(кога температурите се под 10*ц преку ден и околу 0 или под 0 преку ноќ) - што не би претставувало проблем за јачината. Котелот секако работи со модулација на некои 5kw, што е доволно за оваа површина. Котелот е поврзан со бежичен WiFi термостат ENGO E20i, и истиот е подесен со хистериза од 1*ц. Климата планирам да ја користам преку ноќ, за да одржува некоја температура од 21-22*ц, додека пак котелот за преку ден каде што дневната температура е околу 24*ц.
Во реален ден на греење со него, котелот работи некои 2-3 часа, влегува во модулација, и се исклучува бидејќи постигнува 0.5*ц над зададената температура. Дури по тоа откако ќе се симне температурата за 1-1.5*ц од зададената, а тоа е тек по 2-3 часа, повторно се вклучува. Температурата на вода е подесена на 60*ц. Користам Шишарка А1 пелети и можам да кажам дека апсолутно никакво ѓубре и пепел не се прави од нив. А топлината, 23*ц со радијатори ми е приближно како 25*ц со клима.
Во врска со потрошувачката, рано е да се каже, се надевам дека би било некој просек од околу 1 вреќа на ден (од 7-8 наутро па се до 10-11 вечер). Во врска со цената на пелети - купување само во мај, јуни месец и раат да не биде како годинава.
Поздрав