Со автомобил го влечел синот по улица
Невнимателен возач во понеделникот можел да го убие својот тригодишен син откако случајно го закачил за облеката и потоа го влечел четириесетина метри по улица пред да го забележи детето. Тој го однел синот во кратовската болница каде лекарите констатирале бројни повреди по целото тело и по укажаната прва помош го препратиле во скопскиот Ургентен центар каде малото дете било задржано на лекување.
Од кратовската болница веднаш била известена полицијата, а кога дошле полицајците таткото се обидел да ја сокрие својата вина, па им раскажал приказна во која виновникот бил некој непознат возач кој со автомобил влегол во неговиот двор. Сепак увидот го покажал спротивното, па невнимателниот родител соочен со фактите ја признал вината и објаснил што точно се случило.
Тој влегол во својот автомобил и за да излезе од дворот се вратил наназад. Меѓутоа тој не погледнал во ретровизорите и не забележал дека син му се наоѓа точно зад него. Со куката тој му ја закачил облеката и тргнал да вози. По четириесетина метри ги чул криците на детето, но и сигналите на соседите и семејството и застанал, што најверојатно му го спасило животот.
Од кратовската полиција информираат дека против родителот И.Д. (31) ќе биде поднесена кривична пријава.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=467545DBA909114EAADFBF7B47FE5A17