Витаминот Ц е важен за превенција на болести и за одржување на здравјето.
Терапевтските ефекти од витаминот Ц вклучуваат:
Третман на алергии и астма: Витаминот Ц го има на површината на дишните патишта, па затоа намалени концентрации на витамин Ц се поврзани со бронхална констрикција и намалена функција на белите дробови. Некои испитувања иако недоволни ги поврзуваат суплементите на витамин Ц со олеснување на симптомите од астма.
Превенција на канцер: Витаминот Ц е познат антиоксиданс и поврзан е со намален ризик од рак на желудникот, белите дробови, дебелото црево и простатата.
Превенција на катаракта: Испитувањата покажале дека суплементите на витамин Ц значително го намалува ризикот од развој на катаракта, посебно кај жените. Според еден извештај од 2002 година, адекватниот внес на витамин Ц кај жени постари од 60 години, го намалил ризикот од развој на катаркта за 57%.
Продукција на колаген: Витаминот Ц учествува во синтезата на колаген, протеин кој ги сврзува клетките на сврзното ткиво. Колагенот е важен за формирање на рскавица, лигаменти, корнеа и други ткива и структури. Исто така се смета дека витаминот Ц, го забрзува заздравувањето на раните и повредите токму поради оваа улога во продукцијата на колаген.
Превенција на болест на жолчното кесе: Според едно испитување со 13 000 испитаници, жените кои дневно земале суплементи на витамин Ц имале 34% помал ризик од развој на жолчни камења, за разлика од тие кои не земале витамин Ц.
Зајакнување на имуниот систем: Витаминот Ц ја зголемува продукцијата на белите крвни зрнца и е важен за правилно функционирање на имуниот систем. Ниските концентрации на витаминот Ц се поврзуваат со зголемен ризик од инфекции. Затоа витаминот Ц често се препишува кај HIV позитивни лица, како заштита од инфекции.
Неуротрансмитери и хормони: Витаминот Ц е важен во претворањето на некои супстанции во неуротрансмитери, како серотонин, допамин, и норепинефрин, кои се важни за правилно функционирање на нервниот систем. Витаминот Ц учествува во продукцијата на хормони на надбубрежната жлезда.
Респираторен систем: Високи дози на витамин Ц можат да ги ублажат симптомите од настинка и да го намалат нејзиното времетраење. Витаминот Ц е поврзан со подобрување на функцијата на белите дробови и воопшто на респираторниот систем.
Превенција на срцеви заболувања: Некои испитувања покажуваат дека витаминот Ц го намалува тоталниот холестерол и ЛДЛ а во исто време го зголемува ХДЛ, со што превенира од срцеви заболувања. Антиоксидантните својства на витаминот Ц се поврзани со заштита на ѕидот на артериите кај пациентите со коронарна артериска болест. Од друга страна според некои испитувања, земањето поголеми дози од 500мг дневно , го задебелува ѕидот на артериите а со тоа всушност го зголемува ризикот од срцеви заболувања. Ова се должи на улогата на витаминот Ц во продукцијата на колаген. Затоа се потребни понатамошни испитувања за да точно се одредат ризиците и бенефитите од суплементите на витамин Ц. сега за сега, пациентите со историја на болест на срце трба да избегнуваат дневни дози на витамин Ц повисоки од 200мг, поради ризикот од задебелување на артериите.
Контрола на крвниот притисок: Давањето на 500мг витамин Ц дневно, го намалило крвниот притисок кај 39 испитаници со хипертензија. Се смета дека витаминот Ц го намалува крвниот притисок преку, помагање на функцијата на азот моноксид, гас кој се произведува во организмот и ги дилатира крвните садови. Повторно, неодамнешните наоди дека витаминот Ц го задебелува ѕидот на артериите е контрадикторно на претходното и потребни се дополнителни испитувања.
Третман на канцер: Некои научници не се согласуваат со употребата на витаминот Ц во третманот на канцер. Од една страна, испитувањата покажале дека туморските клетки го апсорбираат витаминот Ц побрзо отколку здравите клетки, бидејки ја загубиле можноста за транспорт на витаминот. Радијацијата и хемотерапијата, стимулираат оксидација и развој на слободни радикали со цел да го запрат растот на туморските клетки. Бидејки витаминот Ц е антиоксиданс, кој ги апсорбира слободните радикали, некои научници сметаат дека може да биде контрапродуктивен во третманите на канцер. Точното влијание на витаминот Ц на пациентите кои се подложени на хемотерапија не е целосно разјаснето, и затоа некои научници сметаат дека треба да се избегнуваат суплементи на витамин Ц кај пациенти кои се на ваква терапија. Од друга страна, според друга група на научници, високите дози на витаминот Ц ги заштитуваат здравите клетки и го инхибираат растот на туморските клетки. Според нив, за разлика од здравите клетки кои земаат само онолку витамин Ц колку што им е потребно, туморските клетки, продолжуваат да земаат витамин Ц во вишок, и престануваат да растат, но за ова сеуште нема in vivo контролирани клинички студии. Според сегашните извршени клинички студии, канцер пациентите треба да избегнуваат земање на суплементи на витамин Ц.