Проблемот со градинките е повеќекратен.
1. Има еден куп луѓе дојдени од други места и живеат во Скопје 10+ години. Арно ама, по лична карта уште се есапат на адреса во градот од каде потекнуваат. Таму и колите ги регистрираат, и децата што ќе им се родат, таму им се пишани. И бидејќи се нема квалитетни статистики за реално население кое живее во една населба, тешко е соодветно да се димензионира сè што треба.
2. Во многу населби едноставно нема простор каде да се изгради нова градинка, а бројот на жители експоненцијално се зголемува. Кај мене во маало каде што до пред 2 години имаше куќа со едно семејство, сега има зграда со 18 станови. Градинката е таа, истата, во која одев и јас пред 35 години. А нема простор за друга. Едноставно нема.
И сега, кој е крив?
На времето се правеле функционални, одржливи и рационални населби, со сите потребни инфраструктурни објекти за населението да може да фунцкионира. Особено после земјотресот. Секоја, СЕКОЈА населба имала амбуланта, градинка, основно училиште - сите соодветно димензионирани за населението кое (би) живеело таму. Арно ама со прекумерното зголемување на населението, доаѓа до проблеми.
И да не се разбереме погрешно, јас немам ама баш никаков проблем со селење од еден град во друг. Ич. Проблемот го гледам во тоа што градот не е ширен плански за да може да функционира (како што се ширел после земјотресот), туку со години се стиска, се стиска све и територијално Скопје не е зголемено, а живеат многу, многу повеќе луѓе.