ИНФОРМАЦИЈА ЗА КРИВИЧНИ ДЕЛА ВО СООБРАЌАЈ СО ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК
Член 297
(1) Учесник во сообраќај на јавните патишта кој не се придржува кон прописите и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај така што ќе ги доведе во опасност животот или телото на луѓето или имот од значителен обем, па поради тоа некое лице телесно ќе биде повредено или ќе настапи значителна имотна штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години и со парична казна.
(2) Тој што не се придржува кон прописите за безбедноста на автобуски, железнички, воздушен и бродски сообраќај, сообраќај на жичари или сообраќај со други средства за масовен јавен превоз и со тоа ќе предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имотот од значителен обем, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна. (3) Тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Член 297-а
(1) Учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи со моторно возило со концентрација на алкохол во крвта над 1,5 г/кг во крвта, со употреба на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, возејќи во спротивна насока на јавен пат на кој коловозните ленти се физички одвоени една од друга или на автопат, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 50 км на час во населено место или за најмалку 70 км на час надвор од населено место, ќе се казни со затвор од три месеци до три години и со парична казна.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член, ќе се казни и тој што организира, учествува или на друг начин овозможува недозволени трки со возила, како и учесник во јавниот сообраќај кој управува моторно возило без положен возачки испит, или доколку му е изречена санкција забрана на управување со моторно возило која е с уште важечка во моментот на сторување на делото или санкција престанок на важење на возачката дозвола, при што нема нова важечка дозвола.
Член 300
(1) Ако поради делото од членовите 297 ставови 1 и 2, 298 став 1 и 299 ставови 1 и 2 или некое лице е тешко телесно повредено или настапи имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години и со парична казна.
(2) Ако поради делото од членовите 297 ставови 1 и 2, 298 став 1 и 299 ставови 1 и 2 настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години и со парична казна. (3) Ако поради делото од членовите 297 став 3, 298 став 2 и 299 став 3 настапи тешка телесна повреда на некое лице или имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до три години. (4) Ако поради делото од членовите 297 став 3, 298 став 2 и 299 став 3 настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
Член 300-б
(1) Под условите определени со членот 100-а од овој законик, од сторителот ќе се одземе возилото со кое е сторено делото од членот 297 став (1), членот 297-а ставови (1) и (2) или од членот 300, кое е во сопственост на сторителот, доколку тој во моментот на сторување на делото немал право да управува со моторно возило.
(2) Доколку возилото од ставот (1) на овој член е во сопственост на трето лице, ќе се одземе само доколку тоа лице знаело или било должно да знае дека сторителот немал право да управува со моторно возило.
(3) Под условите определени со членот 100-а од овој законик, од сторителот може да се одземе возилото со кое е сторено делото од членот 297 став (1), член 297-а ставови (1) и (2) или од членот 300 доколку возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 км на час во населено место или за најмалку 90 км на час надвор од населено место, кое е во сопственост на сторителот.
(4) Под условите определени со членот 100-а од овој законик, од сторителот ќе се одземе возилото со кое е сторено делото од членот 297 став (1), член 297-а ставови (1) и (2) или од членот 300, доколку возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 км на час во населено место или за најмалку 90 км на час надвор од населено место кое е во сопственост на сторителот, под услов тој и претходно да е осудуван за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај кое го сторил со надминување на дозволената брзина најмалку 70 км на час во населено место или за најмалку 90 км на час надвор од населено место.