Одроната карпа одзеде живот на патот Маврово-Дебар.
Одроната мала карпа била смртоносна за триесет и осумгодишниот Арџент Бајрами кој со сопругата и синот патувале за Дебар, во посета на родителите. Несреќата се случила околу 11 часот и десет минути кога во близина на месноста Сенечеки Ливади дошло до одрон над патот, при што еден поголем камен паднал во десниот агол на предното стакло и удрил во телото на Арџент.

Без лекарска помош повеќе од половина час?
По ударот тој ја изгубил контрлата и возилото тргнало кон Радика, но сопругата која била на совозачкото возило воланот го свртела на спротивна страна со што била избегната поголема трагедија.

- Ќерка ми се јави на телефон и рече дека паднал камен врз автомобилот, така што Арџент бил удрен на рамото и кај вратот. Рече дека е ризична состојба и дека никој не им помага. Ми рече тато помогај. Од Тетово како што бев на улица, од еден другар зедов возило. Кога стигнав тука девојчето ми кажа дека пулсот не му работи. Најмалку пола час, а може и повеќе, откако се случи несреќата, брзата помош уште не беше пристигната. Од автомобилите што проаѓаа ниту еден не запре да помогне. Не можам да сфатам како може кај ниту еден да не проработи хуманоста. Само подзапираа, ќе погледнеа и заминуваа - вели Музафер Јашари, татко на сопругата на Арџент.
Опасноста и натаму демне
Дваесет и деветгодишната сопруга и двегодишниот син минале со лесни повреди. Семејството Бајрами живее во Скопје, а во Дебар оделе на гости кај родителите на Арџент. На местото на несреќата извршен е увид од страна на истражен судија од Гостиварскиот основен суд, кој наредил да се изврши обдукција на телото.
На овој дел од патот, како и на оној кон Струга од одрон од камен пред повеќе од четириесет години загинаа двајца возачи. Денешниов трагичен настан нека е предупредување дека под итно нешто треба да се направи за да не се повторуваат вакви трагедии. На овие патни правци освен големите лавини кои ги има често во текот на зимата, во овој и есенскиот период демнат опасности од одрони од карпи.
Извор
http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=958F15D28012D5469BCB8BBBDEABC85F