Денес другарче си го искрши Спаркот, јас си ја доживеав сообраќајката на задно седиште.
Враќајќи се од Заливот на коските, т.е. градот на вода во Охрид, каде стигнавме дење а тргнавме назад кон Охрид ноќе, јаките ветрови и температурите околу 0 целзиусови во тој реон го подмрзнале патот. Како главен причинител за несреќата лично јас сметам дека беа зимски гуми напред - летни назад, позната македонска комбинација. Влегувајќи во лева кривина со најмногу 50 км/ч, задницата изгуби тракција, па фати на суво и ја упати цела кола во десно кон банкината - класично излизгување би рекол.
За жал, кога некој генијалец правел навлаки за колата, клучките за појаси на задните седишта ги оставил под самите навлаки и јас не бев врзан па се прошетав од совозачка страна, директно во дупката меѓу возачко и задно седиште. Возачот и совозачот не се повредени, не сум ни јас. Имав среќа во целата несреќа што главата ми удри во мекиот дел на возачкото седиште.
Затоа, врзувајте појас на било кое седиште и да седите. Јас тоа го практикувам и напред и позади. Се мразам себеси што не побарав да ги извадам клучките за појаси за да може да се врзам, но и среќен сум што поминав само со продлабочена фобија од Спаркови.
Штетата која ја претрпе Спаркот е следнава: цревце за глицерин, стабилизатор, цело крило и браник во аут, пола врата во аут и изџвакан цел бандаж - се тоа од лева страна.