Ковид-19 – Зошто повеќе заразени има на богатиот запад отколку на сиромашниот исток.
Постојат неколку причини што поранешните социјалистички земји се драстично помалку заразени со вирусот Ковид-19. Иако тие имаат многу помалку пари и лекари по глава на жител, овој пат, се чини, пресуди стариот систем на јавно здравство, граѓанската дисциплина и брзата реакција на државата.
За разлика од развиените земји како Италија, Соединетите држави и Велика Британија, земјите од поранешниот источен блок беа побрзи во спроведувањето на мерки за изолација и социјална оддалеченост веќе кога се случија првите случаи на инфекција, пренесува Еурактив.
Од Запад доаѓаат слики од преполни болници или масовни гробници, како онаа на островот Харт во Њујорк, сцени за кои многумина мислеа дека никогаш повеќе нема да ги видиме откако ќе завршат војните.
Според Универзитетот Џонс Хопкинс, до 11 април, на милион луѓе во Шпанија починале 350 граѓани како резултат на Ковид-19, Италија 322, Белгија 314, Франција 202, Велика Британија 145. За разлика од тоа, Романија загуби 15 лица на милион жители. Република Чешка пет Словачка 0,4.
Земјите од Источна и Централна Европа имаат посиромашни здравствени системи и се борат со недостаток на медицински персонал. Наметнувањето ригорозни мерки за изолација на лидерите на овие земји беше единствениот излез.
Велика Британија не прогласи целосна изолација до 24 март, кога веќе имаше повеќе од 8000 заразени и над 400 смртни случаи. Од друга страна, Чешка ги затвори своите училишта и граници уште на 12 март, а не поминаа ниту две недели од првиот потврден случај. Словачка прогласи вонредна состојба истиот ден и во тој момент тие имаа 21 регистриран случај на корона вирус во земјата.
Следниот ден Полска воведе иста мерка. Во тој момент, тие имаа 17 пациенти. Тие затворија граници, барови и ресторани. Овие земји исто така беа првите што започнаа со воведување на следење на граѓаните преку апликации и мобилни телефони, за што сè уште се преговара на Запад.
Денот кога Прага прогласи изолација, британскиот премиер Борис Џонсон им соопшти на своите граѓани дека можат слободно да одат на спортски настани, а два дена порано, американскиот претседател Доналд Трамп им рече на Американците дека САД се подготвени и дека „вирусот ќе се смири и ќе си замине“.
Во развиените земји, водачите избегнуваат карантин заради загриженоста за економијата, а нивните жители во голема мерка ги прекршија мерките за социјална оддалеченост, така што видовме преполни метроа, луѓе кои уживаат во париските паркови и активности на отворено.
„Жителите на Централна и Источна Европа сè уште се навикнати да ги слушаат одлуките на државниот апарат, властите, а тоа е особено важно во кризи. Мерките за ограничување беа донесени брзо и без многу размислување. Како втора причина, јас секако би ги истакнала разликите помеѓу системите за јавно здравје. Имено, кога започна глобалниот проект за вакцинирање во 1950-тите, токму земјите од Централна и Источна Европа имаа најголема корист од тоа“, објаснува д-р Дагмар Радин, универзитетски професор која изучува здравствени системи.
Според неа, тогаш во тие делови се развил систем на јавно здравје, кој лесно може да се толкува како „јавното здравје на прво место“.
„Здравствените системи на овие земји имаат инфериорна инфраструктура во однос на оние од Западот, каде многу повеќе се инвестира во здравството, но под различна максима. Овде „индивидуалното здравје доаѓа прво“, објаснува Радин.
Земјите кои ја укинаа вакцинацијата за БСГ, која се користи против туберкулоза, се потешко погодени од оние кои сè уште ја користат, покажуваат прелиминарните студии.
Главниот автор на студијата, Гонзало Отазу, доцент на њујоршкиот институт за технологија, го забележа ова во случајот со Јапонија.
„Вакцината БСГ не само што обезбедува заштита од бактерии на туберкулоза, туку е ефикасна и против други инфекции на белите дробови“, објаснува Отазу.
Тој како пример ги наведува Источна и Западна Германија – поранешната ДДР има трипати помалку случаи. Тој, исто така, ги споредува и Потругалија и Шпанија. Вакцинацијата е задолжителна во Португалија, додека во Шпанија не е така. Според населението, Португалија има многу помалку заразени.
БСГ е стар лек, наречен “Bacillus Calmette-Guerin”. Првпат беше користен во 1921 година и стана широко користен по Втората светска војна кога се отворија големи специјални болници за третман на туберкулоза.
Богатите земји, меѓу кои и САД и Италија препорачуваат само вакцина против БСГ на групи под ризик, додека Германија, Шпанија, Франција, Иран и Велика Британија ја отфрлија вакцината БСГ пред една деценија. Во поранешните социјалистички земји таа сè уште е задолжителна.
https://www.alsat-m.tv/mk/%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%B4-19-%D0%B7%D0%BE%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%B5%D1%9C%D0%B5-%D0%B7%D0%B0%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%B5%D0%BD%D0%B8-%D0%B8%D0%BC%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%BE/