Вчера и денес поради зајебот на Wizz Air со ненајавено задоцнување на летот Скопје Келн мораше да изнајмувам кола за да не спијам на аеродром/железничка. Убаво ме оштавија од Sixt за изнајмување во последен момент, побарав нова Ибица/Фиеста но имаа само Поло, па тоа и бидна на крајот. Со Полото се возев околу 300 километри, 200км автопат и 100ина километри низ град.
Полото беше со 1.0 ТСИ мотор со три цилиндри 70кв/95кс и 200Нм достапни во интервалот на 2000-3500 вртежи, спарени со рачен менувач со пет брзини. Од опрема имаше старт-стоп за екологија, голем екран на допир, автоматска двозонска клима, греење на седишта, ограничувач на брзина со команди на волан, паркинг сензори напред-назад, и алуминиумски бандажи со четири сезонски гуми кои правеа “буууууууууу“ на повисоки брзини. Колата беше нова, имаше поминато околу 1200 километри.
Те го те во некоја сиво/црна боја и добоши на задна оска (наместо дискови).
Внатрешноста изгледаше скоцкано, на допир некои беа меки, некои не. Внатрешноста делуваше добро склопено и скоцкано, но од прозорците надолу си беше тврда пластика. Не дека тоа е лоша или неудобна работа. Но, таа тврда пластика пренесува вибрации ако има предмети во просторот кај вратите. Во полото имаше такво за стругање за мраз на шофершајбна и мораше да го местам тргнам за да не ми вибрира од лева страна. Имаше интересна ЛЕД лајсна која свети навечер и се обидува да ја прави колата со премиум чувство. На мене лично ми сметаше во темното, ама ме мрзеше да барам низ тоа системот да ја гасам. И според мене, таа лед лајсна не ја прави премиум.
Седиштата како за некој погабаритен како мене, беа ОК со нота накај малце неудобни и релативно мали. Но сепак се работи за мала кола и голема свиња, така да човек не може да очекува фотеља. Потпирачот за рака во средината не ми вршеше работа. Исто, што не можеш да направиш е да си ја потпреш левата рака на тапацирот кај левиот прозорец. Нешто што ми падна во очи е како малце педалите да беа изместени/искривени па се осеќав малце чудно како закосен додека возам и ми требаше малце време додека да си ја најдам “идеалната возачка позиција“, особено во комбинација со неупотреблив среден наслон и неупотреблив тапацир на лева врата/прозорец. Воланот малце стерилен, ама кај поновите коли кај сите се чувствува стерилно (Плус минатиот викенд го возев мечето кое има хидрауличен волан, така да можеби сум малце и пристрасен во потрагата на малце “потежок“ волан и осет во која насока ми се насочени предните тркала).
Мотор и Суспензија:
Суспензијата е типична за фолксваген. Во кривини не држи како Форд, ама е ОК. На рамно не вози како француз/лимузина, ама е ОК. Не е претерано мека, но не е и претерано тврда. Со други зборови, ОК. Чат пат ќе осетиш некоја нерамнина, ама ништо трагично или ненормално. Понекогаш се чувствува како малце поголема кола, отколку што е. Позитивно чувство кога се возиш на автопат.
За моторот сум со измешани чувства. Турбо, бензин, три цилиндри, помалку од 100кс. Кога работи во место е тивок (дури и кога е студен), но три цилиндри си се три цилиндри. Никогаш не може да се смири, и звучи многу лошо и нерафинирано особено ако го стискаш да забрзува и да работи напорно. До 2000 вртежи е речиси мртов, па наеднаш се разбудува кога ќе го разврти турбото. Одлично круза низ град во четврта брзина и 50кмч, но во моментот кога сакаш да забрзаш барем малку, трите цилиндри почнуваат да клокотат под хауба. Има звучна изолација и тоа релативно многу, но такво клокотење не можеш да го изолираш, затоа што се чувствува на волан и педали. Старт-стопот си работи нормално, куплунгот мек, менувачот одличен (типичен Фолксваген), но 4та и 5та брзина се малце “подолги“ па за престигање и/или забрзување мораш да враќаш степен-два надолу. Но над 3500-3800 вртежи откако ќе “заврши“ вртежниот момент, ништо посебно не се случува па мораш да менуваш во повисок степен за да го држиш во вртежи и интервалот на вртежниот момент. За во град, регионални и магистрални патишта до 100кмч, полото е одлично.
Но, бидејќи се наоѓам во земјата кадешто “нема“ ограничување на брзина на одредени делови на автопатиштата, Полото треба да се снаоѓа и на нив. Конкретното имаше некакви четири сезонски гуми (мислам дека 4с Вектор) и прават многу бука после 110кмч до кај 140. Над 140, шуштењето на ветерот ја покрива буката од нив. Полото иако е само со пет брзини, е сосема ОК на автопат. Во пета брзина и 120кмч, моторот е на околу 2600-2700 вртежи. На 140кмч околу 3100. Крајната брзина околу 190-200 по тахо. Доубрзувањето од 120кмч нагоре е малце тегаво, но прифатливо. Во ниеден момент не почувствував да враќам степен надолу и да дозабрзувам. И да, трите цилиндри се изолирани и тивки кога се движиш со релативно константна брзина и без нагли забрзувања. Во моментот кога стиснеш поагресивно, почнува да бучи и клокоти. Ама ако го возиш мазно и забрзуваш без агресивни испади, нема да осетиш некој голем недостаток на моќ. Знаеш дека не е ракета, ама знаеш и дека не е мрзлив атмо што му требаат вртежи за да се движи колку-толку нормално.
Конкретно синоќа рутата беше околу 200 километри навечер, што во превод значи релативно празен автопат и во поголемиот дел без ограничување на брзината. Моето темпо на автопат беше во рангот 120-160кмч. И нормално едно-две пробувања да видам до каде ќе го наполни тахото до 260кмч. На одење према Келн се повеќе удолници темпото ми беше многу побрзо, отколку на враќање (но и на враќање минимална си беше 120, освен кадешто е забрането/работа на пат/камери итн).
Затоа и напишав погоре за измешаните чувства кон моторот. Мал е, клокоти, брмчи... Но кога треба забрзува, полни обртомер, во трета брзина е најагресивен и на локални/регионални патишта е сосема доволен. На автопат за оддржување брзина е исто добар и економичен. Но, нерафинираноста, звукот и потребата да го држиш во одреден ранг на вртежи за да биде адекватен на ситуацијата е малце заморно. Но, сепак е турбо бензин. Минијатурен турбо бензин. Но, подобар од 1.6 дизељ во Голф 7/1.4 во Тојота тракторчето кое што го возев.
Најинтересниот дел: Потрошувачка. Колку ми трошеше на автопат, толку ми трошеше и градска. Океј, на автопат можеби беше за 200-300мл пониска/повисока. Ќе го оставам мистерија. Ама се врти од 5-5.5л комбинирано. За мене прифатливо. Да беше дизел сигурно ќе беше 4-4.5л комбинирано.
Конкренто за колава, од првиот километар до денес потрошувачката беше 6.6 литри (според инфотејнмент системот). Но, откако ќе се разработи моторчето, сигурно ќе падне и ќе се стабилизира околу 5 литри.
Еве една слика од денешното возење низ град.
Накратко:
Дали би ја купил за основно возило? Не.
Дали би ја купил за второ возило? Прво ќе пробам од најновата Фиеста. Ако е исто добра како и претходната, Не.
Ако треба да бирам помеѓу 1.6 дизел/1.0 турбо бензин? Ќе го земам бензинецот.
Тоа е накратко моето дружење со Полото.