Пополнувањето Европски извештај не значи признавање вина!
Доколку пополните Европски извештај го избегнувате плаќањето на 250 евра глоба, чекањето на полицискиот записник, одењето на суд, а ако сте виновни го избегнувате и губењето на возачката дозвола и плаќање на судските трошоци и паричната казна која ќе ви ја одреди судот, а добивате побрза исплата на штета
Дали да се пополни Европски извештај или пак да се викне полиција на местото на сообраќајната незгода е дилема што ја имаат многу граѓани. Иако од 2009 година Европскиот извештај се применува и кај нас како олеснителна околност и за граѓаните и за полицијата, но и за осигурителните компании, сепак луѓето се уште со сомнеж го употребуваат.
Затоа, Вечер се обиде да ја расчисти оваа дилема. Направивме разговор со началникот на Единицата за безбедност на патниот сообраќај за Град Скопје, Дејан Панчевски.
- Откако е воведен Европскиот извештај, значително е намален бројот на полициски увиди на самото место на сообраќајната незгода. Претходно просечно дневно сме вршеле по 24 увиди, вели началникот, кој смета дека граѓаните почнуваат да веруваат во полезноста на Европскиот извештај.
Кога да пополните Европски извештај
Да бидеме на чисто. Доколку сте учесник во сообраќајна несреќа и ги исполнувате условите за пополнување Европски извештај, сторете го тоа. За да се исполнат условите за пополнување на Европски извештај, треба да нема повредени или жртви во сообраќајната несреќа или пак да биде направена мала материјална штета. Како што ни објасни началникот Панчевски, под мала материјална штета се подразбира штета настаната на објект или на возила на кои не им се оштетени виталните делови за управување или запирање.
Со пополнувањето Европски извештај учесниците во незгодата имаат повеќе придобивки, односно веднаш можат да ги тргнат возилата од улица за да не се создава метеж. Извештајот за сообраќајните незгода служи за утврдување на фактичката состојба и не значи дека помеѓу возачите е постигната согласност за вината за сообраќајната незгода, ниту дека со потписот се признава вина.
Кога да повикате полиција
Без наплата на глоба од 250 евра полициските службениците се должни да извршат увид доколку возилото е каско-осигурано или пак кога возачот сам учествува во незгодата, односно удира во дупка на патот, животно, ѕид или нешто слично. Увидот е задолжителен и кога во сообраќајна незгода е причинета мала материјана штета, но едното од возилата нема регистарски таблички или не е осигурано, кога едното од возилата има странски таблички, кога едниот од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции, кога едниот од возачите не поседува соодветна возачка дозвола, одбива да ги даде своите лични податоци, односно податоците на возилото или пак кога еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната несреќа.
Како да го пополните Европскиот извештај
Извештајот се пополнува така што колоната А ја пополнува едниот учесник, а колоната Б другиот. Секој може да си ја напише својата верзија на незгодата. Во делот каде што пишува "лична забелешка" може да се напише, на пример: "Јас не поминав на црвено светло". Доколку и другиот учесник во истата незгода тврди дека ниту тој не поминал на црвено светло на семафорот, и тој може да го напише истото. Двајцата учесници во незгодата го потпишуваат извештајот, но тоа нужно не значи дека некој од нив двајцата ја признава вината. За тоа кој е виновен, односно чија осигурителна компанија ќе исплати отштета, подоцна ќе утврди стручна комисија од осигурителните компании на учесниците. Во случаите кога и двете страни се држат до тоа дека не се виновни, најчесто осигурителните компании одат на спогодба, односно на исплата на штета 50:50.
Со пополнување на извештајот виновникот во незгодата ја плаќа само штетата на своето возило, а неговата осигурителна компанија ја покрива штетата на другото возило. Единствено што губи виновникот е попустот на осигурувањето при следната регистрација.
Во текот на една година (од регистрација до регистрација) нема ограничување за тоа колку пати може да се пополнува европски извештај.
- Дневно во Скопје на располагање стојат најмногу пет увидни екипи. Понекогаш се случува сите да се зафатени со вршење увид, па затоа може да се случи учесниците во сообраќајна незгода да треба да чекаат и повеќе од еден час на местото на незгодата, вели началникот Панчевски.
- Законот ни дозволува парично да ги казниме учесниците во несреќата со по 250 евра, затоа што не пополниле Европски извештај, а постојат услови за тоа. Сепак, не сме толку ригорозни. Кога ќе се пријави сообраќајна несреќа во која се исполнети условите за пополнување извештај, на местото на настанот оди полициска екипа од подрачна полициска станица и им укажува на возачите да пополнат Европски извештај. Доколку некој од нив, сепак, инсистира да се изврши увид, полициската патрола повикува увидна екипа. Ние ќе го извршиме увидот, меѓутоа возачот кој инсистира на увидот плаќа глоба од 250 евра, вели началникот.
Глобата од 250 евра не се плаќа за вршење на увидот, туку за непополнување Европски извештај. Според началникот, од увидот до исплатата на штетата процесот трае многу долго. Се прави увид, од којшто потоа се подготвува фотоалбум и со скицата изработена во соодветен размер се предава на осигурителната компанија. Случајот потоа се дава на суд и се чека на конечната судска пресуда. Во пресудата секогаш некој е виновен, а тој што е виновен покрај паричната казна добива и забрана за управување со моторно возило од 3, 6, 12 месеци, во зависност на големината на казната. Во меѓувреме, додека трае судскиот процес, можно е осигурителната компанија да исплати штета според проценката на својот вештак и проценката дадена во извештајот на полицијата, меѓутоа најчесто се чека на судски епилог и неговата правосилност по што се исплаќа штетата а тоа може да потрае и до неколку години.
извор:
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=1E42B9C428645D44916D8E37757BDFDE