Се мислев дали да пишам во рекла-казала, ама ова си залужува посебна тема и е за секоја почит.

Професорот Дионис Пашлаков се расплака на последниот час со матурантите на кои им беше класен, а кои љубовта кон почитуваниот педагог ја искажаа на оригинален начин, со подарок кој го изненади пасионираниот љубител на стари коли
Матуранти од неготинската гимназија „Св. Kирил и Методиј“ му подарија „буба“ од 1974 година на својот класен раководител по повод неговото пензионирање. Изненадувањето го расплака 64-годишниот професор Дионис Пашлаков, кој на јавноста ~ е познат како колекционер на стари автомобили. Тој не ни сонуваше дека последната генерација на негови ученици со ваков гест на почит кон него ќе го доведе во ситуација да плаче од среќа како мало дете.
- Нема зборови со кои можам да ја опишам мојата радост. Среќен сум што моите ученици се соживеале со мојата опсесија кон старите автомобили на кои им посветив голем дел од својот живот- рече Пашлаков со возбуда.
Несекојдневниот настан се случи во понеделникот во неготинската гимназија. За својот роденден и пензионирањето класниот раководител реши да ги почести своите ученици со прекрасна торта. Не му било првпат да ги заслади со нешто благо оти неговата сопруга правела многу вкусни колачи. Професорот во дневникот на 4-5 клас запиша дека тоа му е проштален час. По 42 години работен стаж, професорот кој никогаш никој го немаше видено да се потсетува кога предава нова лекција, го зеде листот хартија на кој беше испишан неговиот емотивен говор пред учениците од својот клас. Рече дека првпат во главата чувствува конфузија, расеаност, трема.
- Сеќавањата на секој од вас, со сите ваши лудории, смеи, радости и таги, не ќе може да го избрише ниту феноменот на староста. Светот е мал, животот динамичен, краток и брз, зад нас останува она што сме го создавале додека сме биле живи. Една од моите оставини сте вие, моите миленици, кои го уживаат мојот респект, го имаат авторитетот пред целиот колектив во гимназијата и љубовта на своите родители. Не може човек, а да не се гордее покрај вас - им читаше професорот на своите ученици и се расплака.
Потоа остави некое време тишината да зборува. А тие, учениците од француско-македонската паралелка, му го разубавија последниот ден во училиштето и му го направија незаборавен. На таблата испишаа на француски „со љубов”, го дочекаа со специјално изработен мини-автомобил на катедрата и посебно подготвен албум со слики и спомени за заедничкото дружење.
- Премногу сме немоќни да изградиме споменик за човекот кој го заслужува тоа. Затоа се овие зборови на благодарност, зашто н` научи да ги почитуваме другите како што сакаме да н` почитуваат нас - рекоа матурантите.
Потоа следуваше врвот на изненадувањето, кое до последен момент се чуваше како „државна тајна“. Kласниот раководител доби уште еден подарок. Голема кутија обвиена со украсна хартија. А во неа иста таква, само помала. Па помала, па уште помалечка. Во последното минијатурно кутиче беше клучот од „бубата”, која го чекаше професорот на другиот влез од училиштето, украсена со црвена панделка и шампањско, со кое подоцна сите заедно наздравија за многу среќа и повторни видувања.
Меѓу неготинци досега за професорот Пашлаков се раскажуваше дека тој е професор кој во текот на целата година учениците по биологија ги испрашува за целиот материјал, од прва до последна лекција. Дека оние што добиле петка од него навистина и ја заслужуваат затоа што за него не беше воопшто важно ученикот од каде е и чиј е. За колекционерот Пашлаков се раскажуваше и пошироко дека е заразен со љубовта кон автомобилите „старици и старци” и дека сонува да отвори музеј на стари коли. Тој своевремено побара и стар тенк за да ја збогати својата колекција. Отсега за професорот Пашлаков ќе се раскажува и за невообичаеното испраќање во пензија од страна на неговите ученици. Разделбата полна со емоции ќе биде дел од документарен филм за човекот кој дел од парите што ги спечали во животот ги потроши за купување деведесетина стари коли и 35 мотоцикли.
Светлана Дарудоваhttp://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=AE2BAD91901F4D408F914D500628D353Браво дечки, секоја чест
