Постигнувањата на човекот не секогаш мора да бидат сериозни, но секогаш мора да бидат признаени. Најновото такво постигнување е светскиот рекорд на „Хонда“ во брзина со
косилка за трева, верифициран од Гинис, секако
Британското одделение на Хонда постигна Гинисов рекорд во брзина од 187,6 км/ч со косилка за трева
Со ова јапонската марка што произведува сѐ што има мотор додаде уште една титула во својата богата колекција.
Колку е таа за почит проценете сами од податоците што велат дека
косилката за трева на „Хонда“, опремена со еднолитарски V2 мотор со 109 КС, на тркачката патека во присуство на претставниците на Гинисовата книга на рекорди постигна 187,6 км/ч. Во согласност со правилата, брзината е измерена во двете насоки на стометарско растојание и е за 45 км/ч поголема од досегашниот рекорд.
Специјално за оваа пригода, косилката за трева на „Хонда“ беше опремена со тркала од квадрицикл и имаше приспособено потпирање. Другите измени вклучуваа најново изработена шасија од специјален челик, вградување шестстепен менувач, спортско седиште и издувен систем и механизам за управување преземен од античкиот „морис минор“, а наместо вреќата за собирање на искосената трева, се вградени резервоар за гориво, ладилник за маслото и втор ладилник за моторот, кој има потекло од мотоциклот „хонда фајерсторм“.
За да биде сѐ регуларно според Гинис, оваа косилка за трева може и да коси, но само до брзини од 24 км/ч. За тоа се задолжени двата електромотора со челични сечила од по 3 мм, кои се вртат со брзина од 4.000 вртежи во минута.
Целата оваа лудорија ја изведе британското одделение на „Хонда“, со помош на трикратниот БТЦЦ-шампион, тимот Динамикс.
LosiPatista