Русија роуд-трип - попушинела.
Граѓаните на РМ можат да добијат руска туристичка виза само едно од овие две сценарија:
1. Писмена покана, оверена кај руските власти.
2. Групно, во рамките на аранжман преку туристичка агенција.
Со други зборови, просто доаѓање на граница со кола за нас непоканетите не е опција.
Оваа за мене шокантна информација ја добив во телефонски разговор со вработените во амбасадата. Типот со кој зборев едвај збореше македонски а уште поедвај англиски, па не бев сосем сигурен дали воопшто ме разбра што сакам. На пример, имаше потешкотии да го разбере концептот на патување во русија со сопствено, странско возило.
Одбивав да верувам дека сме се разбрале и дека стварно нема начин кокошарникот да го повозам низ Русија. Затоа, во петокот бев лично во амбасадата каде што, на мое големо изненадување, ми организираа состанок со Рускиот конзул лично.
Типот зборуваше префектен англиски. Му ја покажав картата со обележана маршрута. Му кажав дека немаме пријатели или роднини во русија кои би не поканиле. Му кажав и дека сакам да патувам во сопствена режија, а не преку агенција.
Ми одговори дека правилата на издавање визи, за жал, не ги одредува тој и дека жали што мојата идеја е практично неостварлива.
Така да ништо.
Разочаран сум многу. Мно-гу.