http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=FFF3EB431A291446BC2F9A4A0E4BB04BСообраќајната култура да се учи од мали нозе
Учениците мора што повеќе да се едуцираат за учеството во сообраќајот, со цел шеснаесетгодишните возачи да не бидат опасност, предупредуваат експертите
Шеснаесетгодишниците од денеска можат да добијат возачка дозвола бидејќи од почетокот на годинава стапи во сила Законот за полагањето возачки испит со навршени 16 години, кој пред два месеца беше изгласан од пратениците во Собранието. Оваа одлука ги загрижува родителите, експертите, но и учесниците во сообраќајот, кои сметаат дека шеснаесетгодишниците ќе бидат опасност на патот.
Експерти од областа за безбедност во сообраќајот велат дека повеќе од потребна е едукацијата за сообраќајната култура од мали нозе.
- Предлог-законот многупати беше на дискусија, но се одлучи дека треба да се намали старосната граница за добивање возачка дозвола. С` на с`, потребни се умешност и голема сообраќајна култура, која се учи уште од предучилишна возраст. Тоа е и најскапа постапка, но најисплатлива бидејќи ако ја оспособиме личноста од мали нозе, ќе внимава на секој чекор - предупреди Стоилко Златковски, професор за безбедност во сообраќајот на Универзитетот во Битола.
Според него, во градовите има екипи за превенција во сообраќајот кои одат на терен, но тоа е минимално.
- Учениците мора што повеќе да се едуцираат за учеството во сообраќајот. Ние порано баравме во основните и во средните училишта да се воведат еден-два часа предмет сообраќајна култура, но предлогот никогаш не беше прифатен - рече Златковски.
Повеќето од оние што ги анкетиравме нема да им дозволат на своите деца да управуваат со, како што велат, опасно орудие бидејќи сметаат дека на таа возраст децата не знаат што значи да се управува со автомобил. Дозволата од родител е еден од условите што ги предвидува новиот закон, па токму тука можеби ќе биде и првата пречка за малолетниците.
- Моето дете наполни 16 години, но нема да му потпишам согласност за полагање возачки испит. И така неделно гинат по неколкумина, а се плашам од тоа дека кога шеснаестгодишници ќе седнат зад воланот, ќе има многу повеќе жртви - вели родител на ученик од втора година во скопско средно училиште.
Малолетникот мора да поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способен да управува со моторно возило, да има завршено најмалку основно образование, да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот, а која треба да биде заверена на нотар, да има писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето во кое учи и од класниот раководител на ученикот, исто така заверена на нотар.
Еден од условите за дозвола е кандидатите да се одлични ученици и да имаат примерно поведение во последната учебна година. Според психолозите, овој услов е дискутабилен бидејќи ако ученикот е одличен, не значи дека е зрел.
Според дел од стручната јавност, мал е бројот на земјите во ЕУ каде што малолетниците можат да се стекнат со возачка дозвола. Во Велика Британија, Исланд, Ирска и во Унгарија за Б-категорија минималната граница е 17 години. Пред неколку години Германија и Австрија дозволиле да се полага на 17 години, но условот е возачите-почетници да бидат во придружба на лице на возраст од 30 години, секако со валидна возачка дозвола минимум пет години. Ваков модел од неодамна функционира и во Србија.
Може да одговараат и кривично
Според новиот закон, за возачите-постари малолетници предвидено е да имаат зголемен број на наставни часови од практичниот дел на наставата за 30 отсто во однос на тој што е предвиден за останатите кандидати за возачи.
Оваа категорија возачи, откако ќе го положат возачкиот испит, нема да смеат да управуваат автомобил во времето од 20 до 5 часот, освен во придружба на родител или старател кој има возачка дозвола од Б-категорија и нема забрана.
Постарите малолетници нема да смеат да управуваат возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати, ниту пак со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно поголема од 80 километри на магистрала или поголема од 100 километри на час на автопат.
За непочитување на овие правила, казните за несовесните возачи ќе изнесуваат 300 евра и забрана за управување со моторно возило во период од три месеци до една година. Бидејќи шеснаесетгодишниците се сметаат за постари малолетници, може да одговараат и кривично.
Даниела Вељановска
Да се учи сообраќајна култура кај пешаците, е најважно. Да не поминуваат кога гледаат дека доаѓа возило. Незнам како смее да се движат надвор од домот без да ги полагаат овие правила. Накратко потребна е пешачка дозвола. Баш она што го пишува во законот.
(1) Пешакот, по правило не смее да се движи и да се задржува на
коловозот.
(2) Ако пешакот се движи по коловозот, тој задолжително треба да се
движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на
начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата.
(1) На јавен пат што има тротоар или друга површина определена за
движење на пешаци односно површина покрај коловозот погодна за движење
на пешаци, пешакот е должен да се движи по тие површини.
(2) На јавен пат на кој не постои тротоар или друга површина определена
или погодна за движење на пешаци, или на јавен пат на кој постои тротоар или
друга површина определена односно погодна за движење на пешаци, а која
пешаците не можат да ја користат од која и да било причина, пешаците можат
да се движат по коловозот, но притоа да користат најмногу 1 метар широк дел
од коловозот, сметано од работ на коловозот.
(1) Кога пешаците се движат по коловозот на кој безбедноста на
сообраќајот тоа го бара, а особено во случај на слаба прегледност на патот,
намалена видливост или густ сообраќај на возила, должни се да се движат еден
зад друг
(1) Пешакот е должен преку коловозот и велосипедската патека или
лента, да преминува внимателно и по најкраток пат, откако пред стапувањето
(2) На јавен пат што има обележани пешачки премини или посебно
изградени премини односно минувалишта за пешаци, пешакот е должен при
преминувањето на патот да се движи по тие премини, односно минувалишта,
ако тие од него не се оддалечени повеќе од 100 метри
(1) Пешакот што е со намера да премине преку коловозот на место каде
што не постои обележан пешачки премин, не смее да стапи на коловозот ако со
тоа го попречува сообраќајот на возилата.
Пред стапување на коловоз заради обиколување пречки на тротоар,
пешакот е должен особено да обрне внимание на оддалеченоста и брзината на
возилата кои му се доближуваат.
(3) На обележан пешачки премин на кој сообраќајот не е регулиран со
светлосни сообраќајни знаци, ниту со знаци што ги дава униформиран
полициски службеник, пешакот е должен пред стапувањето на пешачкиот
премин да обрне внимание на оддалаченоста и на брзината на возилата што му
се доближуваат.
(1) На коловоз не смее да се игра, лизга, скија и санка, како и да се вози
велосипед, тротинет, ролери, скироли и друго