Малку е и претерано кога некој производител ќе нарече дизел модел спортски, но барем на хартија, новиот GTD е исклучително брза машина...
Со максимална брзина од 230 km/h и забрзување до стотка за 7,5 секунди, на прв поглед GTD целосно ја анулира потребата од GTI моделот, особено што VW ветува просечна потрошувачка од 4,2 литри на 100 km! Дизелот инаку брои 184 КС и 380 Nm, извлечени од 2.0 литри зафатнина, нормално со помош на турбо полнач и интеркулер, како и Common Rail технологија за врпскување на горивото.

Суспензијата ќе го добие истиот третман како и Golf GTI, што значи дека подвозјето ќе биде спуштено во однос на нормалните модели и дополнително зацврстено, со предни и задни стабилизатори. Однадвор, GTD моделот ќе се разликува по специјални 17 инчни тркала, затемнетите задни стоп светла, дифузор, прагови и поголем спојлер во задниот дел.

Golf GTD беше достапен и во претходната генерација, но впечатоците на оние што го пробаа беа многу измешани... Ќе биде интересно да се види дали инженерите успеаја да го направат GTD доволно спортски за да може да конкурира на бензинските модели, или моделот и натаму има главна цел зголемување на продажбата.


