Две седмици по протечената информација јапонскиот производител ги објави првите официјални фотографии и дел од техничките детали за новата генерација на Yaris кој на домашниот пазар се продава под името Vitz.
Според информацијата која што доаѓа од Toyota светската премиера на Yaris е закажана за претстојниот салон во Детроит, а продажбите треба да стартуваат подоцна во текот на годината.
Новиот Yaris во однос на претходникот во должина нараснал за 100 mm или е развлечен на 3.900 mm. Меѓуоскиното растојание нараснало за 50 mm и бележи 2.510 mm. Дименизија која ветува многу простор во кабината.
Интересно е што ширината останала несменета и изнесува 1.695 mm, но затоа висината е намалена за 20 mm и бележи 1.510 mm поради што новата генерација на Yaris ќе делува помалку топчесто од aктуелниот модел.
Во минус оди и тежината, па така, иако за нијанса поголем, новиот Yaris е за 30 kg полесен. Затоа пак патниците на задната клупа имаат за 35 mm повеќе простор за колената.
Новиот Yaris значително го менува и дизајнот. Иако се чини дека е задржан препознатливиот облик на каросеријата, сепак дизајнерите се потрудиле да го скројат така за да делува подинамично.
Новиот Yaris е обликван со поостри линии кои се микс на дизајнерски елемени користени кај новата генерација на Prius и новиот Verso – S. Токму заради помускулестиот настап во Toyota очекуваат дека по новиот Yaris нема да лудуваат само припадничките на понежниот пол како што е случај со актуелниот модел.
Тој би требало да им се допадне и на мажите веруваат во Toyota. „Новиот Yaris има поспортски дизајн и ќе привлекува повеќе внимание на улица. Заради тоа очекуваме поголем процент на мажи кои ќе се одлучат да го купат,” вели Хирофуми Јамамото главниот дизајнер на новиот Yaris.
Покрај измените во дизајнот каде доминираат поострите предни светла и острите линии на страниците предниот и задниот браник голем напредок е постигнат и во подобрување на квалитетот на материјалите во кабината.
Покрај новиот дизајн на внатрешноста, која сеуште не се открива и употребата на поквалитетни материјали од Toyota истакнуваат дека значително е подобрена изолацијата од бучава и вибрации.
Подобрена е и сериската опременост па така сега уште од основниот пакет Yaris ќе биде опремен со електронска програма на стабилност ESP, системот Brake Assist и ABS со EBD, а дизелот ќе има и контрола на тракција.
На почеток под хауба ќе работат два бензински атмосферски мотори помалиот со зафатнина од 1.0 литри испорачува 68 КС и вртежен момент од 93 Nm, додека помоќниот од 1.33 литри извлекува 93 КС и вртежен момент од 121 Nm.
Поголемиот бензинец кого веќе го познаваме од актуелните модели на Toyota ќе се испорачува со систем Start&Stop и според наводите на производителот ќе остварува просечна потрошувачка од 3,8 L/100 km.
Сепак, овој мотор нема да ја елиминира потребата од дизел. Станува збор за сосема нов мотор кој ќе има зафатнина од 1.5 литри и ќе испорачува 107 КС. Тој ќе биде најмоќниот мотор во понудата на новиот Yaris.
Моторите вртежниот момент до предните погонски тркала ќе го пренесуваат преку мануелен менувач кој кај бензинците ќе биде со пет степени на пренос, а кај дизелот со шест. Покрај мануелниот бензинците ќе можат да се добијат и со бестепен менувач CVT со континуиран варијабилен преносен однос.
Стартот на продажбта во Европа е закажан за на лето в година, но само за бензинците, додека новиот дизел ќе пристигне дури во 2012 година.