VW GROUP СО НАД 30 НОВИ ЕЛЕКТРИФИЦИРАНИ ВОЗИЛА ДО 2025
„Volkswagen Group ќе мора во иднина да биде пофокусирана, поефикасна, поиновативна, комплетно ориентирана кон корисниците и систематски насочена кон генерирање на поголем раст“, потенцира Матијас Милер, извршен директор на автомобилскиот гигант.
На овој начин VW Group ја најави новата програма наречена TOGETHER - Strategy 2025, насочена кон поставувањето на темелите на една успешна иднина за компанијата. Крајната цел ќе биде постигната преку сериозна трансформација на автомобилскиот бизнис на гигантот, брзо воведување на нови решенија во однос на мобилноста, сериозно зголемување на ефикасноста и друго.
Од VW Group коментираат дека целосно детали за новата програма TOGETHER - Strategy 2025 ќе бидат објавени во следните месеци, но за сега е јасно дека еден од главните чекори што ќе ги направат од фирмата е поврзан со сериозни подобрување на портфолиото во однос на погонските агрегати и подготвеност да одговори на условите на она што доаѓа. Главна работа тука ќе биде лансирањето на повеќе од 30 нови електрични BEV (Battery-powered Electric Vehicle) предлози кои ќе бидат понудени на пазарот во следните 10 години. Според предвидувањата на VW Group, во 2025 година, продажбата на BEV модели ќе изнесува помеѓу 2 и 3 милиони единици, што од своја страна ќе биде околу 20-25% од очекуваната вкупна реализација за тоа време.
Во однос на стратегијата за развој, од VW Group коментираат, исто така, дека компанијата ќе се фокусира и врз т.н. буџетски автомобили, како, на пример, во Азија, каде ќе соработува максимално со домашните производители. Друга важна точка во идниот развој, која ќе влијае на VW Group е сопствен развој на системи за автономно управување кои последователно и пред крајот на деценијата ќе бидат понудени на други компании.
Во однос на финансирањето на TOGETHER - Strategy 2025, од Volkswagen Group коментираат дека очекуваната инвестиција ќе биде двоцифрена бројка во милијарди евра.