Уште еднаш ќе мораме да се фатиме во костец со нашите шоферски ОПАСНИ НЕПРИЈАТЕЛИ „интуиција“ и „здрав разум“. Зимски напред летни позади кај коли со погон напред е многу опасно, a тоа што сознанието за опасноста е контраинтуитивно - само ја прави опасноста уште поголема. Еве што е проблемот:
Додека вози, возачот несвесно ја одредува количината на тракција токму преку предните тркала. Грото од силата на кочење е таму, погонот е таму, управувањето е таму. Значи, колку тракција има на предните тркала, толку возачот несвесно си создава слика за вкупната тракција. А преку таа несвесно создадена слика за вкупната тракција, возачот - исто така несвесно - го прилагодува вкупниот стил на возење: со колкава брзина ќе влезе во кривина, дали ќе го претица автобусот или не, дали ќе може да се напика пред спората кола на следните семафори итн итн итн. Сите возачки одлуки ќе му бидат базирани врз база на тоа колку му „лепат“ предните тркала.
И тука лежи проблемот: возачот кој напред има зимски, а позади летни, секогаш ќе има лажна слика на нешто поголема тракција од реалната, чувство дека има малку повеќе тракција отколку што навистина има. Може многу лесно да се случи да му избега задниот дел при вртење, а особено при истовремено вртење и кочење. Гадни сценарија можам да замислам колку сакаш.
Значи, проблемот со „зимски напред летни позади“ е што секогаш, секогаш имаш маааалку искривена, лажна слика за тоа колку навистина тракција имаш. Имаш малку помалце отколку што ти се чини, а можеш многу лесно да се најдеш толкму во таа мала маргина и да се деси срање.
Но, дури и кога таква несреќа навистина ќе се случи (а се случуваат и тоа редовно), возачот едноставно го обвинува лизгавото студено време. Да, друже, ама ако си имал зимски на сите четири може нема да ти избегала задницата, а ако си имал четири летни, просто ќе си возел полека ко полжав (пошто ти е многу јасно преку фидбекот од воланот, папучата за гас и кочницата колку навистина имаш, т.е. немаш тракција) и пак нема да си излетал.
Доколку мора да се мешаат летни и зимски гуми, тогаш зимските треба да идат позади, а не напред! Подобро да имаш лажна слика за тракцијата која ќе ти кажува дека ја имаш помалку отколку што навистина ја имаш, отколку да те лаже дека ја имаш повеќе отколку што навистина ја имаш!
Не се заебаајте со животот! Во многу прашања и области автомобилизмот е неинтуитивен и држењето за тоа што го зборува здравиот разум често пати не само што не е точно, туку е и опасно.
Секоаш имајте 4 исти гуми на тркалата! Дури и различна изабеност е опасна, а не пра зимски напред летни позади. Тоа е катастрофа која чека да се случи.
Само немојте да ми контрааргументирате со „ееее, дедо ми, чичко ми, татко ми и јас возиме со зимски напред летни позади толку години и еве ништо не ни е“. Некој може цел живот да вози без појас, па пред крај на возачката кариера да си ја искши фацата од воланот при банален судар со 20 на саат. Тоа што нешто не ти се случило до сега не значи дека не може да ти се случи никогаш. Управување со моторно возило во јавен сообраќај е интристично ризична активност, а паметен возач ќе гледа секогаш тој ризик да го минимизира.