Љубомир Данаилов Фрчкоски
ЕМБАРГО 1992-1994
(колумна)
Имаше три ембарга кон и од Македонија, драги мои. Две беа грчки кон нас, а едно беше од Обединетите Нации кон Србија (и преку нас).
Во првите две македонската власт (сите фактори) успеаа да ја одржат на нозе македонската економија со судни маки и отворање на сите приватни и јавни потенцијали за увоз на нафта (меѓу другото ) највеќе преку Бугарија. Во таа смисла беше клучна улогата на Желев и Бугарија, која остана отворена за нас во тој драматичен период. Македонија ги „порази“ грчките ембарга, не потклекна и ја зајакна својата самодоверба во ситуација кога многу меѓународни фактори не убедуваа дека немаме излез и дека треба да попуштиме на грчкиот притисок.
Ембаргото кое го воведе ООН кон режимот на Милошевиќ и Србија беше од поинаков вид, но се покажа исто толку индиректно опасно за нас. Ние тоа ембарго без двоумење го поддржавме, но од почеток им предочивме на сите меѓународни фактори (посебно Американците) дека целта на ембаргото е да ја изолира и наштети на Србија, а не да ја колапсира Македонија и македонската економија. Имено, скоро 80% од македонската економија (ни се допаѓало тоа на нас или не) беше ориентирана кон извоз и увоз од Србија и останатите југо-простори (преку територијата на Србија). Нас ембаргото на српската граница ни се закануваше со брз колапс на целата македонска економија, бидејки веќе бевме блокирани на јужната граница од Грција и со тоа отсечени по клучната трговска трансверзала за нас, север-југ (ако се земе предвид дека исток-запад беше затворена поради колапсот на Албанија и немањето трговски врски со Бугарија ?? излез не се гледаше). Секоја влада во Македонија без двоумење и сите бизнис и политички фактори го признаваа тоа и запомагаа за решение! Тоа го прифати и целата меѓународна заедница посебно Американците кои преќутно се согласија дека треба тоа ембарго од Македонија кон Србија да попушти (со услов: нема оружје и стратегиски материјали за војната).
За да се воспостави контрола во пробивот на ембаргото владата на Македонија формираше Комисија на чие чело застана потпреседателот за економски систем Ј. Андонов ( Реган ) и каде членови беа П.Трајанов, С.Богоевски (тогаш потсекретари во МВР), еден член од министерството за стопанство и царината. Таа комисија требаше да одобрува кои фирми ќе транспортираат и што, да следи и контролира се што одеше преку границата. Македонските фирми кои транспортираа роба се најавуваа кај оваа Комисија, уплаќаа некаква сума, процент од проценетата роба на посебна сметка во буџетот на РМ и по оценка на Комисијата добиваа дозвола за транспорт.
Тоа се го знаеја странците и не протестираа. Македонија не доби никаква опомена од релевантен меѓународен фактор за таа операција на пробивање на ембаргото (Постоеше ООН комисија за мониторинг, а други држави добиваа, на пример Романија и Бугарија) бидејки сите знаеја дека на Македонија такво олабавување на ембаргото и е дозволено. Можеби Американците не го информирале својот амбасадор (Комраз) во тоа време или го оставиле педагошки да не притиска „да не претераме“, но немаше никаков формален протест или постапка за казнување по повод попуштеното ембарго.
И што тука не им е јасно за тапоглавиве ДПМНЕ-вци? Сите документи за ова им стојат во Владата и можат сите детали да ги проверат во секое време! Во тој контекст за каков „шверц“ тие зборуваат? Да беа портокаловиве гилиптери тогаш на власт, од пробивот на ембаргото ќе направеа херојски проект на преживување на Македонија за кој, на заслужните, Хорхе ќе им делеше медалји! А оние кои тоа би го преиспитувале ќе ги прогласеа за црни предавници!
Но, сепак попаметни и поодговорни луѓе тогаш ја водеа земјата, драги мои. Такви на кои не им беше до личен и партиски пи-ар, туку Македонија да преживее и да се консолидира и успеаа во тој основен проект.
Денес дел од тие луѓе доживуваат да гледаат како секое улично куче ја замочува таа бандера со најдолни приказни за шверц на нафта, и црни ќеси полни со дојч-марки давани од прељубници по контејнери – во лоша македонска верзија на серијалот. Неспособната власт одадена на зависност од опијатите на пропагандата им продаваат пакети, лаги и фантамазгории и ги осакатуваат младите Македонци и Македонки лишувајки ги од елементарно знаење за сопствената понова, сепак храбра и одважна демократска историја.
ПС 1. За сите детали околу ова и за приказната на македонската независност, за ликовите кои беа храбри, кукавици и подлеци во тој процес до денес ќе читате драги мои во мојата книга од едицијата „Младите лавови на македонската независност“ (издавачот, како од времињата на сталинизмот не можам да ви го откријам сега да не настрада пустиот) која ќе излезе деновиве кај нас!
ПС 2. Со големо олеснување ние Македонците ја примивме веста дека Паско Кузман е зад петиците на Александар (гробот на кралот македонски). Бидејки се носеа гласови дека Паско е зад газ…. на истиот или најмалку под опашката на Букефал и сите не тресеше треска што ќе се случеше ако Александар или Букефал направеа цурик-чекор назад! Ке требаше Центарот за кризи да го вади Паскота од тие недолични задни места за нашата етничка гордост. Вака од зад петици, ако се случи цурик, само ќе „крцне“ пусти Паско за славата на Македонија!