Ајде малку да се убацам и јас во темава, со моето скромно искуство со Македонскиот здравствен систем.
Повеќето знаете, ама еве ќе објавам јавно - јас сум дијабетичар, зависен од неколку дневни дози инсулин. Дијагнозата ја добив брзо и ефикасно на клиниката за Ендокринологија и благодарение на докторката Крстевска, многу брзо ми го донесоа шеќерот под контрола. Јеј!
Меѓутоа, бирократскиот хаос кој се случува е обесхрабрувачки. За јас да направам тромесечна контрола, треба да одам кај матичен лекар да земам упат (изгубен еден ден), па да одам на клиника да чекам на ред (во неверојатна гужва) за да ми го заверат тој документ, да платам некоја ситна партиципација и да чекам пак за да ми земат крв (изгубен уште еден ден), па да одам пак по една недела, за да си ги земам резултатите, и да се консултирам со докторката (која можеби е, можеби не е во амбуланта тој ден, или да ја барам на клиника - изгубен уште најмалку еден ден). Значи, јас губам три дена за да направам нешто кое можам да го направам во Систина за 15 минути (проверено) и 1500 денари.
Екстремно сум благодарен за поедноставувањето на процедурата за земање инсулин. Од Декември, не треба да одам по рецепт за инсулин секој месец. Да се потсетиме - дијабетесот е хронична и неизлечува болест. Нема логика да одам по рецепт секој месец за некоја работа која без разлика на се, ќе ми треба до крајот на животот. Сега ќе треба да одам на контрола во центарот за дијабетес еднаш годишно, и да си завршам работа за целата година - екстремно полесно и попрактично. Благодарам и за бесплатниот инсулин - сигурно ќе кошташе многу пари да морав да го платам!
Од друга страна, мора да се поработи на основната култура на докторите и медицинскиот персонал. Сум се изнаслушал мал милион пцовки и некултура, сум се изнагледал арогантно однесување и поставување на докторите кои се однесуваат како да се богови. Со сета почит до докторите (која ја имам енормно многу, спасувате животи побогу!), но едноставно мора малку покултурни да бидете со вашите пациенти, и да имате малку повеќе трпение. Јас разбирам дека сте преоптоварени со работа и дека не ви е до лепо понашање, ама никој од тие луѓе што дошол кај вас не дошол заради тоа што сака да дојде, туку заради тоа што мора да дојде, и расположението им е веќе никакво. Малку треба за да му го разубавите денот на човек со проблем. Едноставно, не може 18-20-годишна медицинска сестричка (намерно пишав „сестричка) на мојот 68-годишен татко да му се обраќа со „ти“, а да не праиме муабет за полошите работи.
За стручноста на докторите нема да коментирам. Сум бил сведок и на стручни, и на нестручни доктори. Стручноста се стекнува со искуство, а за жал искусните доктори веќе ги има се помалку и помалку. Од друга страна, не ни сакам да помислам каков е притисокот да може потенцијално да се спаси човечки живот, и каква е одоговорноста и какви се последиците кога нема да успеат да спасат живот и ќе изгубат пациент.
И едните и другите се криви. Рибата смрди од главата, се слагам со тоа, но според мене - СИТЕ треба да поработат малку, за на сите да ни биде МНОГУ полесно и поубаво.