Сегашниов „локдаун“ е многу јасно истемпиран за варварите по цркви и џамии што се собираат за претстојните празници. Брзо ќе се смират гужвите по дуќаните, за ден-два, луѓето ќе најдат и начин и време за да испазарат тоа што им треба во краткиот период. По празниците, ќе олабават мерките, во меѓувреме ако имаме среќа и бројот на нови случаи на дневно ниво ќе се намали.
Мерките не се за оние што излегле со децата да прошетаат на воздух, да извозат точак, да истрчаат на кеј - воглавно индивидуално или во потесно семејство. Но грото од луѓето имаат confirmation bias, и се убедени дека „нема везе ова, ќе помине лесно, и мене нема да ме закачи“, без јасно да ја согледаат состојбата, неразбирајќи дека не се работи само за личното здравје, туку и за здравјето на луѓето околу нас.
Дека не сме баш дисциплинирани - не сме. Колку треба да си акмак во продавница или банка да одиш без маска, да се буткаш у редот пред врата на банка, да се собираш со комшиите пред гранапче „на муабет само...“. Толку ли свеста не работи? Е па кога не работи свеста, ќе мора „со стап“ ко во Индија, или со вакви (не баш популарни) мерки.
Има некои глупи мерки, на пример, прочитав денес дека автобусите ќе возеле од 5-9 и од 13-15ч во Скопје. Свашта... Со тоа дури и оној краток период што е одреден за да може некој да заврши некоја работа е уште повеќе намален, значи уште повеќе групирање во одредени часови. На кој му текна - алал да му е!
Исто така, полицијата треба да реагира на гужвите пред банки. Фино, уште од почеток на „меркиве“, не е дозволено собирање во групи над незнам-колку-беше, 5 ли, 4 ли.. небитно. Репни една група пензионери со казни, да видиш како после полесно ќе гледаат на тоа дека ЕВН ќе им земе 1.5 денар камата за задоцнето плаќање од 3 дена, и дека пензијата ќе им биде во банкоматот и задутре, на 3-ти, дека не е задњи рок 1-ви да се подигне од банкомат целата сума.
Сепак, разберете дека локдаунот е за наша лична заштита. Ќе настрада некое работно место, ќе пропадне некој кафиќ, ама нема тоа да биде трајно, ќе се врати назад, и кафана, и цена на бензин и ноќен живот, и клецање на Водно... Се што се бара од нас е да бидеме дисциплинирани и да миеме раце и носиме маски у дуќан.... И ако се посомневаме на симптоми, да не мислиме дека ќе помине ко грип.