Да го преставам мојот нов проект, CarPC за мојата кола, Opel Corsa D.

Нешто што најмногу ме нервираше во колата беше основото радио - CD30 кое нудеше само FM/AM и CD, без MP3. Успеав да направам AUX, но поврзување телефон на секое влегување во кола и пребарување низ песни со телефонот во раце ми беше глупо решение. Освен тоа воопшто не ми се допаѓа тоа малото жолто екранче кое покажува само станици, саат и надворешна температура. Афтермаркет решенијата и не се толку лоши, меѓутоа се доста скапи.
Таблет не е лошо решение, меѓутоа исто така интегирањето со постоечките команди од радиото и командите на волан е проблем. Поради тоа, се решив на едно често користено решение во последно време за во кола - Raspberry Pi со инсталиран XBMC (Kodi) и 7" екран на допир.

Еве го ентериерот сега, само со променет волан, односно ставен кожен со команди.

Веднаш приметлива разлика на колата ќе биде дисплејот на централната конзола, вграден во оригиналните држачи за CID екран кој се нуди во повисоко опремените модели на Corsa D. Отворот за екран е околу 6.5" во дијагонала, не планирам да ја сечам пластиката за да не ја уништам, туку софтверски ќе ја намалам резолуцијата за да дојде идентична со отворот за екран на пластиката.
Еве како изгледа отворот, сликан од повеќе агли.

Мал teaser, внатре ставен екранот од таблетот што го имам, чисто за проба.

Некои од функциите кои планирам да ги вградам на Raspberry-то се:
-Bluetooth - за повици и пуштање музика од телефон преку bluetooth
-WiFi - за поврзување на интернет (tethering од телефон)
-RF предавател - за отварање на гаражната врата преку Raspberry-то
-FM приемник - за слушање на FM радио станици
-CANbus приемник - за поврзување на командите на волан да работат со Raspberry-то, односно -XBMC (Kodi), примање информации од возилото како моментална потрошувачка итн
-Интегрирање на постоечките копчиња од радиото со Raspberry-то, односно за контрола на гласност, бирање на опции низ менито, менување на песна, односно најважните команди за контрола на XBMC
Постоечкото радио CD30 ќе се искористи само како појачало, додека сите функции како FM/AM, CD од радиото ќе бидат исклучени. FM приемник како што кажав погоре, ќе има на компјутерчето, и ќе се контролира преку XBMC-то.
Веќе започнав со поврзување на копчињата од радиото да работат со CarPC-то. За ова решение, постојат неколку опции. Raspberry-то има GPIO пинови кои може да се искористат за читање на статус на копчиња и притоа со програма да се користат за промена на некоја опција во XBMC. Бидејќи јас имам околу 20 копчиња, ќе зафатам доста пинови кои сакам да ми се слободни за другите модули.
Мене ми текна на нешто сосема друго - контролер од USB тастатура. Тастатурите имаат две пластифицирани плочи со електронски водови и неколку пинови. Различна комбинација на 2 пинови споени заедно дава одредена бројка/буква итн.
Со расклопување на тастатурата, започна напорниот процес на откривање кој карактер се добива со спојување на 2 пинови. Мултиметар со мерач за континуитет е одлична алатка за откривање на контактите. Тастатурата поврзана, отворен text editor и следење на карактерите кои се запишуваат, и запишување на комбинациите на лист.

На сите пинови залемив по една жичка, потоа по истиот редослед ги наместив на protoboard за полесно поврзување. Потоа, едно по едно ги откривав копчињата на радиото и нивните комбинации. Сигурен сум дека со додатна електроника која ќе ги "чита" копчињата на ист начин како што се поврзани во радиото е далеку подобро решение, меѓутоа немам којзнае колкаво искуство со електроника, па затоа се решив на овој начин, односно директно поврзување на жички на плочата со копчиња.

Намерно пуштав подолги жици, за сите да се истестираат и да се направат комбинациите на protoboard, па потоа да се поврзат и да се скратат и средат убаво.
Еве уште некоја слика од работната атмосфера во моето катче прилагодено за вакви проектчиња.


Сега за сега, толку, сеуште чекам да пристигне екранот и додатните делови, па да продолжам со реализација на проектот.
