Еднаш направив ваков пост и апел до членовите на форумот и тој вроди со позитивни резултати и промени. Искрено се надевам дека повторно ќе го има истиот ефект.
Веќе неколку дена (во најмала рака, може да се каже и неколку недели) на форумов се пробива една доза на нетолеранција и тензија која полека но сигурно има лош ефект врз генералното здравје на дискусиите.
Како што во мал милион наврати имам спомнато, форумов постои заради членовите - за да развиеме културна, нормална и добра дискусија на многу разно-разни теми кои ни се битни - како за автомобили, така и за нашето секојдневие. Она што ме радува е дека форумот прерасна во прилично голема заедница која се дружи како на форумот, така и надвор од него. Не постојат зборови со кои ќе објаснам колку е ова прекрасно и ретко.
Она што не ми се допаѓа е тонот со кој се прават некои дискусии. Никој, ќе повторам, никој на форумов не е над некој друг и никој не е „заштитен“. Сите (па и модераторите) се еднакви во своите постапки и последиците од нив. Многу пати е нагласено дека целта на форумот е дружење и дискусија. Сосема е нормално да отидат работите малку надвор од контрола од време на време, но во последно време некои муабети (*cough*looking at you*cough*Дизел vs Бензин*cough*) стануваат класичен pissing contest.
Од друга страна, она што ме радува е што преку форумот запознав луѓе кои без никаква резерва можам да ги наречам другари, и со кои ми е пријатно да се дружам и надвор од границите на форумот. Секој член на форумот што сум го запознал или некаде ме пречекал, го направил тоа срдечно и пријателски. Ова ме радува и се гордеам со одличното ниво на дружење кое го има на овој форум.
За да го задржиме пријателството наместо да го изгубиме, ама и за тоа пријателство и понатаму да функционира, мора малку сите топтан да поразмислиме за тонот со кој пишуваме и односот кој го имаме кон другите членови на форумот. Неколку пати сум кажал, и еве пак - нема никаква толеранција да има кон било какво навредување по етничка, религиозна или било каква основа. Заебанции се ок. Навредување не е.
Форумот на CARclub е различен од другите по нивото на комуникација која ја имаме на форумот и надвор од него. Не знам за ниеден друг форум, односно ниедна друга онлајн заедница во Македонија што е толку блиска и што толку често организира некакви настани. Затоа, не сакам форумот да пропадне, а тоа не зависи само до мене и модераторите.
ЕДИТ: Заборавив уште една работа. Во последно време муабетите се сведуваат на Бензин вс Дизел, интересни половни коли, сообраќајни несреќи и тоа е тоа. Не би требало да биде така - би требало да се дискутираат автомобилски новитети, трендови, нови модели, итн. Понекогаш се чувствувам како џабе да објавуваме стории на порталот и тестови на автомобили.
Ви благодарам за вниманието и се надевам дека ќе наидам на разбирање и поддршка.
А.