Да споделам, речиси дво-месечна голгота со сервис на мобилен под гаранција и Вип оператор.
Користев Sony Z3 речиси три години. Договорот со дотичниот оператор подистечен, бааги. Едно сабајле, из-чиста-мира, со Сонито е невозможно да го слушнам соговорнкот од другата страна, ептен изгуби глас. Пробав со фабрички ресет, со чистење на звучникот - ништо.
Поминаа три дена, телефонот е невозможно да се користи нормално. Се наполнив со нервоза - едно што ми откажа основна функција на уред, друго што телефонот беше чуван премногу, дури до екстрем.
Добро - си викам, ова може само на мене да ми се случи. Кога ќе ги видам некои типови со распрснати екрани, целите телефони испогребани, исчукани, излупени, мака немаат. Мојот, очуван..
Си викам - мајку му, дали може некако да ме подјебаваат од Вип, да ми попречуваат сигнал, појма неам, пошто ми е истечен договорот, па да го продолжам. Се јавуваа едно 200 пати, "договорот е истечен, ова да ви понудиме, она..". Луда држава, башибозук, од кај да знам. Не ми се веруваше премиум телефон да покаже ваков дефект имајќи во предвид колку го пазев.
Да си ја испробам теоријата, и поради огромната доверба во брендот Сони, купив припејд бројче од Телеком.
Ништо работа и со таа мрежа.
На крај, отидов и го продолжив договорот, а пошто малку бев тенок со пари, се одлучив за Нокиа 6. 19.03.2018 година.
22.07.2018, значи после околу 4 месеци од купување, Нокиата престана да полни, односно полнеше прееееееемногу споро. 20% за околу 9-10 часа.
На 25.07.2018 го оставам во салон, да го пратат на сервис. Овластен - некои Промограм.
Во меѓувреме, го оставам Сонито на поправка во локален сервис, пошто останав без телефон. За 2 саати ми се јавуваат, нов софтвер ставиле, да го земам и да го пробам ден-два.
Да, испадна софтверска глупост, Сонито повторно работеше како нов.
Нема глас од сервисот точно 30 дена. На 30-тиот ден, ми се јавува девојчето од салонот - телефонот бил поправен, го вратиле. ОК викам, идам одма да го земам. 24.08.2018 година.
Одам, го земам, се враќам во кола, сав среќен - па дури и стакленце заштитно си купив. Ја ставам сим картичката, го вклучувам - копчињата доле не работат. Косата ми се наежи.
Се враќам во салонот, објаснувам што се случи и девојчето ми вика "аха, пак ќе го вратиме на сервис". Молам? Пак на сервис? Јас сум месец дена без телефон. Нема проблем, вратете го, видете дека телефонот е пак дефект, и сакам да ми дадете нов, пошто, нели - 30 дена ги ебавте. Запишува девојчето на приемниот лист дека сакам нов телефон.
Вртење во контакт центарот, објаснувам што-како, "ама господине, запазен е рокот од 30 дена". Како бе запазен е, 30-тиот ден ми го враќате, еден дефект поправивте, друг направивте?
Се јавувам во сервисот. "Аха, господине, вратете го, ќе го поправиме". А бе вие нормални сте? Нов телефон, организирајте се со Вип, не ме интересира. Се дерам по телефон, му кажувам да си ја признаат грешката, да си компензираат од сервисерот, ќе ги пријавам до пазарна, финансова, трудова, АЕК, приватни тужби, и така едно 15-тина минути.. И таков, мртов ладен тој од сервисот: "Слободно пријавете во пазарна инспекција, на нас секој ден ни бараат нови телефони, што ќе биде ние ако даваме..?" А бе, гомно едно, да сте си ја сработеле работата како требало, немаше да дојде до ова.
Порано, кога ќе им се спомнеше инспекција, гомното им се смрзнуваше. Сега, они те праќаат, такви - сигурни, самоуверени, што ме наведува на тоа да помислам дека и тие се врзани помеѓу себе, така да - нема никаква заштита на потрошувачи во оваа мочана држава.
Енивеј, при првото сервисирање била заменета "главната плоча". Кога го вратија телефонот, знам дека тој мочкото во сервисот што се учи од YouTube како се поправаат телефони, заборавил да го кликне конекторот за трите копчиња пред да го залепи екранот.
После 17 дена, го враќаат пак телефонот, со "поправен конектор". Ми се јавуваат од салонот, телефонот е вратен од сервис, поправен. Одам таму, викам дека ако е стариот телефон, ич да не ми го дава. Сакам нов телефон. Јас сум 47 дена без телефон, а они поштено со вуду трик си го ресетираат рокот на сервисирање од 30 дена, кога ми вратија неисправен телефон. Демек - второ сервисирање. Не го подигнав телефонот.
Се јавувам во контакт центарот, со поплака. Запознаени со проблемот кој се влече веќе месец и пол. "Во ред господине, ќе пријавиме до надлежната служба и веднаш ќе ве контактираме".
Чекав уште 4 дена, еве ја таа пуфлата од надлежната служба "господине, на вашиот уред при првото сервисирање е заменета главната плоча, што практично значи дека ви е издаден нов уред, а сега поправката на конекторот се смета за прво сервисирање".
Ретко останувам без зборови. Ова беше една од тие ситуации. Што, еден телефон е составен само од главна плоча? Ами екран, звуник, камера, куќиште, антена, и мал милион делови внатре? Банана држава е комплимент за оваа нашава.
Си викам, остави, два месеци сум без телефон што си го платив поштено, да одам да си го земам и у курац и Вип, и сервис, и телефони и се.
Одам, како грешен ѓавол, јас испаднав глуп во целата ситуација, демек попуштив, и отидов да си го земам телефонот што веќе ми одмили.
Го земам, си идам дома, ставам сим картица. Не врзува на мрежа. Три различни сим картици, два оператори, два фабрички ресета. Ништо.
Вртам на дечкото во салонот, пошто се знаевме и од претходно - не ми дига. Вртам во контакт центарот, и се изнавикав на момето што случајно ја имаше среќата да се погоди, колку да се издушам, иако знам дека не е виновна.
Поштено, customer supprot на Нокиа, имаат чат услуга, поштено ги пријавив и операторот и сервисот, уште истата вечер. Ми побараа од таму гаранција, фискална сметка и работните налози да им ги сликам.
Утредента, накострешен уште во 08.00 да ги терам у курац тие од сервисот. Се јавувам, го барам дотичниот Зоран, му кажувам што се случи сега - значи трет дефект, од кои два се директна нивна кривица. Како бе пуштате телефон од сервис, без да го истестирате?
Веднаш осетив друга интонација во разговорот, откако му кажав дека се пријавени како сервис во ХМД Глобал, уште синоќа. "Во ред господине, пратете го телефонот со се кутија со се внатре, ќе издадеме налог за замена". Значи, 50-тина дена, веќе и не броев. Што ќе се случеше ако ја немав кутијата, ако ми беше фрлена, слушалките ако беа загубени, се прашувам? Дали ќе добиев замена?
Испадна сасвим друг проблем. Го немаат тој телефон во понуда веќе. Си побарав Нокиа 6.1, што реално е за класа подобар телефон.
Чекав уште 7-8 дена ако не се лажам, господата од Вип да одобрат замена, па да проверат во магацин дали имаат.. Смешки, значи.
Конечно, стигнува телефонот во салон, ми се јавуваат, и ми бараат 1.000,00 денари доплата. Решив да си ги платам, едно што немав повеќе живци и време да се расправам, а друго што сега планирам да ги реметам со гаранцијата и со надомест на штета.
Пишам мејл, сега како го решаваат тоа што два месеци телефонот дремеше во сервис? Дали го надоместуваат времето? Дали сега на новиот уред имам 2 години гаранција, или година и пол? Добивам глупи одговори, у стилу:
"Почитувани,
Ви благодариме на Вашиот допис.
Би сакале да Ве известиме дека гаранцијата за новиот уред важи од денот на издавање на истиот."
"Почитувани,
Би сакале да Ве известиме дека гаранцијата на уредот кој Ви е издаден како нов почнува да важи од денот кога е издаден на корисникот."
Јас им пишам:
"Не разбирам. Ќе Ве замолам да ми поедноставите.
Првиот уред е купен на 19.03.2018 година. Гаранцијата важи до 18.03.2020.
Уредот ми е заменет со нов, на 20.09.2018 година. До кој датум ми важи гаранцијата за новиот уред, ТОЧНО?"
Они:
"Почитувани,
Ви благодариме на Вашиот допис.
Би сакале да Ве известиме дека гаранцијата за заменетиот уред почнува да важи од 20/09/2018година."
Уште се смеам. Баталив тоа, и си го толкувам како да имам две години гаранција. Не дај Боже да ми затреба.
Пак им пишам мејл, на 24.08.2018 година:
"Почитувани,
Кој е првиот чекор со кој би можел да отпочнам постапка, со која барам надомест на штета поради спреченост за користење на уред кој бил на сервис во гарантен рок од 25.07.2018 г. до 20.09.2018 г. согласно чл. 490 ст. 2 од Закон за облигациони односи?".
Они ми враќаат:
"Ви благодариме на Вашиот допис.
Би сакале да Ве известиме дека Вашите забелешки се проследени до соодветниот оддел со цел да се направи дополнителна проверка, за што ќе бидете навремено известени.
Ви благодариме на трпението".
Уште чекам.