Па Маздата ми беше повеќе потребна одошто паметна инвестиција. На почетокот барав превозно средство кое ќе ги задоволи фамилијарните потреби. Но подоцна некако се опседнав со неа, т.е. со автомобилизмот, па дополнително ги зголемив критериумите. На пример, пред да ја купам бандажите ми беа тотално не битни и за нив не бев спремен да доплатам ни евро. Но подоцна, откако се заразив со Маздава отидов и си избрав бандажи. И така, сите останати активности и модификации кои подоцна ги направив, пред да ја купам ќе ми изгледаа банални и смешни.
Како и да е, возилото го купив за да го возиме. Но апашиве со цените на горивата го направија возењето луксуз дури и за луѓе со надпросечни примања. Па така ме стимулираа да размислам за алтернативата монтажата на плински уред. На почеток имав предрасуди и мислење изградено врз основа на оние старите плински уреди. Оние кои ги монтираа на лади и кецови и од кои имаше мирис во колата, деградирани перформанси и од кои се случуваа експлозии во усисните грани. Но по малку повеќе истражување и проучување на најмодерните системи сватив дека сите тие работи се надминати.
Со уредот кој го имам во моментов не се забележува никаква разлика во однос на перформансите со нормалното возење без разлика дали е агресивно или пензионерско. Нема разлика во работата на моторот, ниту во звукот. Преоѓањето на плин е автоматско, т.е. ништо не треба да притискаш. Преодот на бензин е незабележителен и можен во секој момент. Возилото не мириса на плин ниту внатре ниту пак надвор од ауспух. Единствени минуси се зголемената тежина за околу 30 килограми поради системот + 20-30 килограми гориво, како и немањето на резервна гума во гепек односно намален простор во гепек за чување на резервното тркало. За сметка на тоа заштедувам од 50 до 60 евра месечно за гориво.