Бензинот ќе „вози“ со 90 денари?
Се шпекулира дека цената на горивата во земјава в понеделник ќе се коригира нагоре и ако се следи трендот на поскапувања во земјите во регионот, тогаш кај нас би требало да скокне за најмалку 1,5 денар
Цените на горивата в понеделник би требало да „возат“ со 90 денари. Регулаторната комисија за енергетика (РKЕ) ќе одлучува за цената на горивата, а познавачите на нафтениот бизнис во земјава кои ги прашавме тврдат дека веќе се најавени корекции на цените, но за колку, никој не може точно да пресмета. Тоа го потврдуваат и на самите станици и велат дека им е најавена корекција, но дали нагоре или надолу, не знаат. Сепак, ако се следи трендот на поскапувања во земјите во регионот во текот на неделава, тогаш цената во земјава би требало да скокне за 1-1,5 денар и да ја сруши границата од 90 денари за литар.
„Дневник“ истражуваше и се обиде да направи пресметка по која цена ќе се продаваат бензините в понеделник. Но факт е дека никој во земјава, освен регулаторите, не може да ја „провали“ формулата по која се формира цената на горивата во земјава. Само се знае дека во нејзиното формирање влегува цената на нафтата на светските берзи и односот на курсот на доларот во однос на денарот.
Од последното покачување на цената на горивата во земјава до вчера цената на нафтата на светските берзи осцилираше и просечната цена за овој период, која би требало да ја земат и регулаторите, изнесува околу 124 долари за барел. Таа е пониска за еден долар од претходната просечна цена од 125 долари за барел, на која се утврдуваше минатата корекција на цените на горивата. Инаку, вчера цената на нафтата „брент“ изнесуваше 123,29 долари за барел, а во овој период најниско се спушти до 122,5 долара за барел, а максимумот беше 125,4 долари за барел.
Kурсот на доларот во однос на денарот исто така беше стабилен и по таа основа не требаше да има некое драстично покачување на цените на горивата. Но, с` до вчера, кога се случи промена и од просечни 46 денари за долар курсот дојде на ниво од 47 денари за долар.
Сепак, според познавачите, ова нема да влијае многу на регулаторите бидејќи пресудни и овој пат ќе бидат показателите за цената на нафтените деривати на светскиот пазар, за кои тешко се добива информација за тоа колку растат.
Од Регулаторна комисија за енергетика вчера не добивме коментар дали се готви ново поскапување на горивата. Инаку, според цените на горивата во Европа и во регионот, Македонија е поскапа од Србија, Романија, Босна, Албанија, Русија.
За една година бензините поскапеа за 13 проценти
Во Македонија само за една година цените на горивата се зголемија за околу 13 отсто, покажуваат споредбите за цените на горивата на крајот на март лани и годинава, кога беше последната корекција. Македонија е меѓу мал број европски земји што имаат двоцифрен пораст на цените на горивата за една година. Податоците говорат дека лани на крајот на март цената на „евросупер 98“ била 10 денари пониска од сега и изнесувала 79 денари, или само за една година има покачување од 12,7 отсто. Иста е состојбата и со „евросупер 95“, кој лани истиот период се продавал по цена од 77,5 денари, додека дизелот лани бил со пониска цена за 6 денари од сегашната цена, која изнесува 75,5 денари.
Психолошката граница - 120 денари?
Засега никој не се осмелува да направи анализа која е психолошката граница за цената на горивата во земјава. Се шпекулира дека многу брзо цената би достигнала 100 денари, а до крајот на годинава и 120 денари за литар. Но ниту Владата ниту експертите не излегоа со анализа дали, кога и при која цена на нафтата на светските берзи тоа би можело да се случи и кај нас и дали и какви мерки би се презеле. Ниту една од надлежните институции во земјава не сака да излезе со став за тоа која цена е границата над која Владата ќе преземе конкретни мерки. За разлика од нас, Хрватска ја постави таа граница на 12 куни, односно 1,64 евро. Според најавите, доколку цената во Хрватска ја надмине таа граница, владата ќе ги намали акцизите за горивата.
http://dnevnik.mk/?ItemID=1CC083EB72ACE240988FEDFBFEFF7656Народе спреми се за примање уште троа.............Препорачувам дупло вазелинче........