Возачите си ги полнат резервоарите до максимум и потоа не го плаќаат горивото. Ние пријавуваме во МВР, но заради тоа што кражбите се до 3.000 денари тие немаат интерес да ги гонат крадците, вели Мите Јованов од "Макоил"
Македонските возачи во шок од новите цени на бензините и дизелот, бидејќи тие од ноќеска на полноќ поскапеа за неверојатни три денари по литар. Сопствениците на бензински пумпи стравуваат дека тоа ќе биде причина да се зголеми бројот на кражбите, кои изминативе месеци се во подем.
Според Мите Јованов, директор на "Макоил" само за еден месец на една бензиска пумпа регистрирани се четири кражби.
-Возачите си ги полнат резервоарите до максимум и потоа не го плаќаат горивото. Ние пријавуваме во МВР, но заради тоа што кражбите се до 3.000 денари тие немаат интерес да ги гонат крадците - вели Јованов. Тој за редовните муштерии одобрува попуст од еден денар по литар гориво.
Со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 од денеска, па во следните две недели, изнесува 84 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 се точи по 85,5 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е В) за 74,50 денари за литар. Зголемување има и кај малопродажната цена на екстралесното масло за домаќинството (ЕЛ-1) коешто се зголеми за 2,5 денари за литар и чини 63 денари за литар. Корекција има и кај цените на мазутот од 2,173 денари за килограм, при што новата цена изнесува 47,934 денари за килограм.
Како причина за зголемувањето на цените на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 6,54 отсто повисоката цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите две недели и за 0,42 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.
Рекордно високите цени деновиве се регистрирани и во регионов. Кај нашиот северен сосед Србија, бензинот од 95 октани чини 1,21 евро за литар,а дизелот 1,25 евра за литар. Заради високите цени на горивата врие и во соседна Бугарија. Во неделата во неколку големи градови регистрирани се мирни протести кои биле организирани од градежното здружение "Сила". Според бугарските возачи, цената на литар бензин со ДДВ максимално треба да биде два лева, односно едно евро.
Револт има и кај возачите коишто имаат подобар стандард на живот. Германците велат дека тренирање на нерви е кога го полниш резервоарот, бидејќи суперот од 98 октани достигнал цена од 1,70 евра за литар, а дизелот 1,54 евра за литар.
Како што појаснуваат од нафтените концерни, главната причина за овие состојби е напнатата ситуација на Блискиот Исток, како и одлуката на Иран да престане со испорака на нафта за одредени европски земји. Светската цена на нафтата деновиве е повторно на ниво од 124 долари за барел и тоа е слично на движењето што го имаше црното злато во мај, лани.
Експертите објаснуваат дека во 2008 година кога барелот нафта достигна рекорден износи од 144 долари, тогаш високата цена на горивата се должеше токму на овие високи цени. Но, деновиве, состојбата е поинаква, бидејќи заради рецесијата во еврозоната и климавата состојба на еврото, високата цена на горивата се должи на курсот на еврото во однос на доларот. Ако пред 4 години за едно евро се добивало 1,57 долари, сега за едно евро се добива едвај 1,33 долари.
Но, додека паричниците на возачите слабеат, нафтените гиганти и понатаму профитираат. Така, "ЕксонМобил" лани оствари добивка од 31,2 милијарди евра, Шел 23,3 милијарди евра, а БП со 18,2 милијарди евра.
Високи се цените на бензините и во Данска, Грција, Италија, Холандија и Шведска. Но во Италија и Холандија се точи најскап бензин, а за литар дизел најскапо се плаќа на италијанските бензински пумпи и тоа по 1,73 евра за литар.
Во САД се избрал полесен начин да се дојде до бензин. Во државата каде со години наназад се точеше најевтин бензин во светот во пораст е кражбата на горива на бензинските пупи. Како што пишуваат медиумите во комбиња со специјални канистри крадците го складираат бензинот. Просечната цена на бензините во САД е 3,59 долари за галон, а еден галон има 3,78 литри. Краденото гориво се продава по 2,5 долари за галон.
За Промгас судот ќе одлучува
Регулаторната комисија за енергетика бара од судот да ги казни "Промгас" и "Га-Ма" заради штетите што ги претрпеа компаниите во јануари кога без почитување на законската регулатива беше стопирана испораката на природниот гас. Тогаш без овој енергенс останаа околу 20 индустриски капацитети меѓу кои: Макстил, Жито Лукс, Европа, ФЗЦ 11 Октомври, Пивара и Усје. Компаниите поради немањето гас беа присилени да го стопираат производството или да го пренасочат на друг алтернативен енергенс.
Од Комисијата не ја потврдуваат информацијата, иако нејзиниот претседател Димитар Петров на прес-конференција во јануари изјави дека "Промгас" мора да ги сноси последиците и да биде казнет што без да го почитува Законот за енергетика на своја рака ја стопираше испораката на гасот во период од една недела.
Валентина МАРЈАНОВИЌ
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=DA9896FB53F83742834A14733BCCA2B1