23.03.2011
Осигурителната компанија од Велика Британија, Warranty Direct ги објави резултатите од своето истражување каде стои дека Peugeot 207 е европски автомобил кој најмалку се расипува.

Истражувањето е спроведено на пазарот во Велика Британија, а се однесува на автомобилите произведени во Европа. Автомобилите во истражувањето се класифицираат според честотата на кваровите и цената за нивно отстранување.
Анализирани се преку 20.000 осигурителни полиси на Warranty Direct на автомобили со старосна граница од 3 до 7 години од европски производители и утврдувана е причината зошто сопствениците ги носеле во сервис.
Добиените податоци велат дека за една година во сервис отишле 6% од моделот Peugeot 207 со старост до 3 години, а средната цена на поправката чинела 332 фунти.
На второ место по доверливост е Fiat Pandа од која 12% заминале во сервис со старосна граница од 3 до 7 години, а просечната цена на сервисот била 123 фунти.
Зад неа е Peugeot 206 CC со 17 % кварови и цена на сервис од 185 фунти. Следат VW Polo со 18% кварови и цена на сервис од 190 фунти и Renault Clio со 21% кварови и цена на сервис од 173 фунти.
Истражувањето на осигурителната компанија истакнува дека најненадежен автомобил е Mercedes SL со 47% кварови на моделите на возраст од 3 до 5 години и со просечна цена на сервис од 342 фунти.
На второ место од најненадежните е Range Rover со 53% кварови и цена на сервис од 500 фунти, па Renault Espace со 54% кварови и цена на сервис од 491 фунти.
Четврт е Mercedes Класа S со 47% кварови и сервисна цена од 505 фунти, а на петото место е BMW и неговата Серија 7 со 45% кварови и цена на сервис од 514 фунти.
Од Warranty Direct ја забележале и највисоката цена за еден квар која изнесувала 7.239 фунти и била дадена за BMW Серија 7 која спаѓа во старосна граница од 3 до 7 години.