Пред 5 години, на 30ти октомври мислам беше, се враќав од театар со братучеда ми, тогаш бевме цимери, на последна 2ка во Автокоманда. Околу 23ч.
Се симнавме од автобус, преминавме булевар (тогаш немаше семафори), а времето како деновиве, заврни - преврни.
Т.е преминавме пола булевар, стоиме на островчето, погледнуваме десно, има автомобили,ама далеку, и јас, братучеда ми и еден дечко преминуваме коловоз на пешачки.
Светлата што ги видовме кај Дијамант клучката веќе беа на 5 метри од нас, колата се движеше со огромна брзина, а ние стугнати речиси до пола коловоз.
Возачот изгуби контрола и почна да се тетерави лево-десно, сеуште движејќи се со истата брзина.
Го знаете оној филм, дека ако мене ми се случи тоа ќе направам вака, ќе направам онака, ќе скокнам, ќе се тргнам.
Е, тоа врска нема.
Во тие милисекунди само очекуваш удар.
Се вративме рефлексно сите тројца по чекор назад, бегајќи од правецот на движење, возачот скршна на неколку метри од нас, мислам дека ми помина пред нос, се удри во тротоар, ја „собра“ настрешницата на постојката кај цвеќарата (таму имаше неколку повредени луѓе кои чекаа автобус), се удри во едно од дрвата, се изврти и застана дури кај билбордот кај прва 2ка.
Прво, останавме неколку секунди без здив и во неверување, братучеда ми ја фати хистерија и почна да паничи, па ја испратив дома, а јас повикав брза помош.
Се „создадоа“ куп луѓе кои седеле во „Аристократ“, и, како што испадна подоцна, биле другари на возачот и неговото друштво - гужва, паника....
Совозачот беше „летнат“ кај билбордот и лежешесо јачкање во несвест, возачот со гребаници, ама свесен и на нозе, едната девојка беше излетала од кола речиси до ѕидот на бараките до градинката и лежеше во несвест, а последниот патник - девојката на возачот, околу која имаше веќе собрано луѓе, лежеше во бессознание (на местото каде што нејзините родители подоцна подигнаа макета ан црквичка).
Притрчав да му помогнам на совозачот, само јачкаше, имаше гребаници по цело тело, но виталните знаци му беа добри (испадна дека немал сериозни повреди).
Девојката кај ѕидот (подоцна се испостави дека имала скршена карлица) беше во огромни болки и останав со неа додека дојде Итната помош.
Втората девојка, за жал, почина на лице место, според лекарската екипа.
Како сведоци, останавме на местото до 4 наутро, дојде истражен судија, вршеа мерења, ни зедоа изјави и контактни детали.
Рекоа дека тоа им била 7ми увид вечерта.
Не знам детали, ме викаа на суд, имаше маалски муабети дека возачот бил пијан или под дејство на други супстанци, но сеедно.
Настанот беше страшен и си зеде жртва, за жал.
Се мислев дали да го напишам ова, ама понекогаш имам потреба да го прераскажам случајов, да ми олесни, оти и` видов на смртта во очи.