Не сакам да обвинувам никого конкретно, но пред околу една година, при враќање од Маврово, лично се уверив колку опасно возат некои возачи, особено со ТЕ регистарски таблици. Еден возач на постар модел Passat караван претекнуваше цела колона возила на еден од најфреквентните патишта. Тоа беше на 2 август, за време на празник, кога многу луѓе се враќаа дома. Возачот буквално создаде хаос – другите возачи се обидуваа да се престројат и дури и да се тргнат од патот за да избегнат несреќа. Делуваше како човекот да нема кочници. Тоа беше навистина застрашувачка глетка.
Поради празникот, претпоставувам дека полицијата била зафатена, но прашањето останува: зошто таквите возачи не се санкционираат на време? Можам да кажам дека хаосот што го прават дел од возачите со ТЕ таблици е сериозен проблем. Не се сите такви, но бројот на несовесни, арогантни и неуки возачи драматично се зголеми. Денес дозволи се издаваат на лица кои очигледно немаат елементарно чувство за одговорност. А зад воланот – тоа чини животи.
Секој возач, од моментот кога ќе излезе од дома и ќе седне зад волан, има одговорност не само за себе туку и за сите околу него. Тоа е темелот на безбедноста во сообраќајот. Без оваа свест – не можеме да очекуваме промени.
Понатаму, иако често се зборува за инфраструктурата, реалноста е дека досега речиси и да нема случај каде патот е директен виновник за смрт. Но тоа не ја амнестира државата. Патиштата ни се катастрофални – со дупки, без сигнализација, со одрони, без осветлување. И да, имаме делумно рехабилитирани патишта, но тоа не значи дека се безбедни.
Автопатот Скопје–Куманово–Крива Паланка до бугарската граница е една од најризичните делници во земјата, со рекорден број жртви и оштетувања на возила. Во летниот период дополнително се користи и преминот Пелинце, што ја зголемува фрекфентноста и ризикот. А полиција? Речиси никаде. Последниве 10 години се вработени над 5.000 полицајци, а по патиштата ретко каде ќе видиш сообраќајна контрола. Наместо по центри на мали градови како Пехчево или Делчево, каде секој со секого се знае, полицијата треба да биде на патиштата – таму каде што умираат луѓе.
Ако има вистинска мобилност и присуство, ако полицијата навистина врши надзор и превенција, бројот на несреќи ќе се намали драстично. Но наместо тоа, гледаме полицајци во кладилници, канцеларии и по “друштва”. Тоа не е работа. Работата е на терен – како и тој што стои цел ден на скеле, или жената што цел ден работи во маркет. Сите тие си ја вршат работата чесно.
Ова го доживувам емотивно затоа што ништо не функционира. Системот ќе профункционира тогаш кога на некој ќе му "прегори фитиљот", а тоа нема потреба да се случи. Треба само да има ред, надзор, и одговорност. Само така ќе зачуваме човечки животи и ќе изградиме држава во која навистина функционира безбедноста – и по улиците, и по патиштата.