Не знаев каде да го ставам ова па тука го постирав.
Возачите што ќе удрат во крава сами ќе си ја платат штетатаМинистерството за транспорт и врски предлага измени и дополнување во Законот за јавни патишта
Возачите што ќе удрат во животни што се шетаат по јавните патишта - самите се виновни и нема да може да бараат отштета од претпријатието задолжено за одржување на јавните патишта и улици. Ова е предлогот на Министерството за транспорт и врски што вчера предизвика полемика во Собраниската комисија за транспорт, врски и екологија. Заменик-министерот за транспорт и врски, Тахир Хани, предлага државата и правното лице надлежно за одржување на јавните патишта и улици да не одговараат за штетата што ќе им биде причинета на корисниците на јавните патишта и улици, поради удар со возилото во животни или за штетата на возилото предизвикана од незгода поради неприспособена брзина на условите на патот.
Членовите на Комисијата од опозицискиот СДСМ сметаат дека целта е да се ослободи од одговорност ЈП „Македонија пат“, а се оштетуваат граѓаните и покрај тоа што плаќаат за одржување на патиштата.
„Тоа значи дека ако возите во согласност со условите на пат и сообраќајните знаци и ви излезе некое животно пред автомобилот, тој што управува со патот не одговара за штетата. Тоа е недозволиво“, рече Благоја Стојановски од СДСМ.
Според него, со измените „Македонија пат“ ќе нема поттик да ги санира патиштата и ќе се наруши нивната безбедност. Јани Макрадули оцени дека законот е штетен за граѓаните и доказ дека државата нема пари да ги исплати побарувањата по основ на штети кон „Македонија пат“.
„Секој граѓанин кој не по своја вина ќе си го оштети возилото, сам ќе си ја наплаќа штетата, а од друга страна Агенцијата за државни патишта ангажира за 1,4 милиони евра консултант за автопатот Демир Капија - Смоквица. Со тие пари може да се направат многу заштитни огради на патиштата“, истакна Макрадули.
Пратениците од владејачкото мнозинство негираат дека намерата со предложениот закон е изземање на одговорноста на „Македонија пат“, бидејќи, според нив, во законот немало одредба според која граѓанинот сам ќе ја покрие штетата ако таа настане поради несаниран пат.
„Праксата граѓанинот сам да си ја покрие штетата при удар во возилото од животно или поради неприспособена брзина, ја има во другите држави“, укажа Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ.
Минатата недела, 37-годишна скопјанка загина откако автомобилот во кој се возеше, удри во крава на автопатот Велес - Скопје. Граѓаните укажуваат дека често налетуваат на стада овци, крави, па дури и на коњи, па при брзина нормална за автопатиштата, нивните животи се доведени во опасност. Возачите негодуваат бидејќи ниту уредно платената патарина не ги спречува од блиска средба со животни. Надлежните признаваат оти автопатиштата не се доволно заградени, а и несовесни жители на околните села го зголемуваат проблемот со тоа што ја крадат мрежата. (Г.А.)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=06000637B5ABB448AB5D83A25DC7C8A4