
Кога пред десетина години VW најави дека ќе направи автомобил кој ќе троши литар гориво на сто километри, многумина беа скептични. Епа, Германците си го одржаа ветувањето.
На претстојниот автомобилски саем во Женева, Volkswagen ќе ја претстави сериската изведба на XL1 за кој тврдат дека има потрошувачка на гориво од само 0,9 литри на сто километри.

За да дојдат до овој импресивен резултат, од Volkwagen ја развија аеродинамички најефикасната каросерија за еден сериски автомобил. Изградена од јаглеродни влакна, каросеријата на XL1 создава отпор на воздухот од само 0,189 Cd, a возилото тежи само 795 килограми. Задните тркала се покриени со панели, за да се постигне што подобра аеродинамичност на автомобилот, а во кабината има место за два патници.

За погонот е задолжен 0,8 литарски двоцилиндарски турбо дизел со директно вбризгување кој развива 47 КС во пар со електромотор со моќност од 27 КС и седумстепен автоматски DSG менувач.

И покрај неверојатно малата потрошувачка, XL1 не е тромав автомобил - до стотка забрзува за 12,7 секунди, а максималната брзина изнесува 160 км/ч.

Volkswagen планира да произведе серија од 50 примероци на моделот XL1, а понатамошното производство ќе зависи од побарувачката. Цената уште не е соопштена.
http://kajgana.com/volkswagen-napravi-avtomobil-koj-troshi-pomalku-od-litar-gorivo