(ВИДЕО) 360° Кои автомобили ќе поевтинат, а кои ќе поскапат со „данокот за CO₂“
За најпродаваните, половните возила што се увезуваат од ЕУ, тоа значи значително поскапување бидејќи еуро 4 стандардот дозволува далеку повисоки емисии на CO₂, споредено со актуелниот еуро 6.
Пресметката што за „360 степени“ ја направија во Царинската управа покажува дека ако за „фолксваген голф 5“ од 2005 година, со дизелски мотор од 1.900 см3, минатата година се плаќале околу 650 евра при увоз, сега давачките кон државата се зголемени на 1.100 евра. Разликата од 450 евра ја прави новиот данок за CO₂.
Давачките за „мерцедес ц класа“ од 2004 година, со дизелски мотор од 2.200 см3, се зголемуваат за околу 900 евра.
БМВ 5 од 2005 година, со дизелски мотор од 2500 см3, пак, поскапува за 1.100 евра.
За сметка на значителното поскапување на постарите, од Царината велат дека благо ќе поевтинат дел од поновите половни возила со еуро 5 и еуро 6 еколошки стандарди.
Ако при увоз на половно „пежо 308“ од 2015 година, со дизел-мотор од 1.600 см3 и километража под 100.000 километри, по старото даночење, се плаќало 1.971 евро, со новата пресметка се плаќа 1.760 или двесте евра помалку.
Сто евра помалку ќе се плаќа и за „фолксваген голф 7“ од 2015 година, со бензински мотор од 1.200 см3, а слично намалување во давачките има и при увоз на „бе-ем-ве 1“ со дизелски мотор од 1.600 см3.
Но, дали ако возачите избегаат од старите увозни возила, ќе имаат вистинска стимулација да купуваат нови возила? Пресметките од Царината покажуваат дека за поголемиот дел од популарните модели данокот е понизок, но само маргинално, а разликите се всушност позначителни само кај дизелите.
Сепак, колку и да звучи апсурдно, најголемото зголемување на давачките ќе се случи кај хибридните возила со бензински мотори.
https://www.libertas.mk/video-360-koi-avtomobili-%D1%9Ce-poevtinat-a-koi-%D1%9Ce-poskapat-so-danokot-za-co%E2%82%82/?fbclid=IwAR1KiPDi3bGZoXCjr2mPehZUiNBJRiZF1IGcTj0cgOKRyjvRCNhF172_3D8