Јас станбениот кредит го земав од матичната НЛБ почеток на 2019 година. Првите 2 години беше пониска каматата, испод 3% беше, а следните 3 години требаше да биде повисока, а после тие 5 години (2+3) требаше да биде варијабилна.
Кога поминаа првите години од повластената стапка, приметив поголема месечна рата за кредит, не ми ни текна во моментот дека ми помина повластениот период. Ми дојде некако висока каматата и почнав да се распрашувам во други банки.
Во НЛБ им кажав дека имам чувство дека преплаќам кај нив и дека како клиент кој има траен налог за кредитот, немам задоцнето рата ниту еден ден, ниту пак друга уплата, не сум во минус и слично, а фидбекот од нивна страна воопшто не е како што треба да биде спрема лојален клиент, кој за кредит од 65.000 треба да врати 125.000 евра (кредитот првично беше на 30 години).
Им посочив дека брутално е за вкупна рата од 350 евра, главница да плаќам 100 евра а камата 250 евра (такви беа првите рати).
Во тој момент, 2022/2023 мислам, Силк роад имаше добра понуда и најсниски камати, побарав понуда од нив. Со документите отидов во НЛБ банка да им кажам (не да ги прашам) дека одам во друга банка. Тогаш ми понудија скоро исти услови како Силк, а и позитивно беше тоа што останав во иста банка и не платив 0,5% провизија (договорен пенал) за премин во друга банка.
Моментално сум на фиксна камата во износ од 3,5% за период од 10 години. Тоа баш го завршивме пред да почне да игра варијабилната каматана стапка.
* * *
Кога сме кај кредити, камати, да спомнам и за депозити и нивните камати.
Висината на каматата на депозит (за ист износ) варира од 200 до 1500 евра за ист период на орочување, така да и тоа истражував, од банка во банка и пак мојата матична банка најмала камата ми даваше, па средствата се орочени во друга банка.
Сакам да кажам дека и тука има игранки.