Неодоливо сличен дизајн и надвор и внатре, исти мотори како претходникот... Дали навистина се работи за нов Civic или е само еволуција на стариот модел? Сеедно, и овој Civic е совршенство само за себе, секако компакт кој цели директно во врвот на класата!...
Да нема дилеми - се работи за нов модел, а, ако имате било каков сомнеж во автомобилот - немајте, бидејќи кога сте во него се губи чувствово на реалност - како да сте влегле во видео игра - се некако работи совршено прецизно, точно... Беспрекорно прецизно управување, за врвно возачко задоволство, со кокпит како во некој борбен авион, и перфеткна возачка позиција и удобност. Можеби малку залажуваат 140-те коњи, кои, во однос на забрзувањата реално не се чувствуваат дека се 140, но затоа сила има во сите режими, а и потрошувачката е неверојатно задоволителна. Сето тоа надополнето со фантастичниот менувач... Ваков автомобил, со вакви особини и ниво на опрема, уште и крајно доверлив - вреди за сите пари,
Дизајн
Или ви се допаѓа, или не ви се допаѓа. Уште со лансирањето на претходната генерација, Civic предизвика голем број на екстремни реакции во јавноста, благодарение на Matrix дизајнот како од научно фантастичните филмови. Дизајнот успеа, па Јапонците одлучија новиот модел благо да еволуира и промените и не се многу големи. И покрај тоа, новиот Civic е доволно препознатлив и ретко кој ќе го збуни со постариот модел.
![](http://koli.com.mk/novosti/honda-civic-2012-(19).jpg)
Од друга страна пак, исто така е и делумно поконзервативен, со цел да задоволи поширока група на купувачи... Крајниот резултат? За вкусовите не се расправа, но, се чини дека како целина, новиот модел не изгледа толку складно како претходникот, како да има премногу линии од предниот до задниот дел, а и деталите се на некои места претерани (задните стоп светла на пример)... Или, само треба малку повеќе време за привикнување, за автомобилот да изгледа вистински примамливо.
На пат
Перформанси
Стариот добар 1,8 литарски атмосферски бензинец, кој испумпува 142 КС при 6.500 врт/мин и 174 Nm при 4.300 врт/мин, бара добро да се заврти за да потегне напред, впрочем како и сите јапонски атмосферци. Малку подолгите преноси во менувачот делумно ја расипуваат еластичноста, па неретко треба да се префрли во понизок степен, особено при возење, односно престигнување по нагорнина, што, на крајот на краиштата и не е голем проблем, благодарение на исклучително прецизниот менувач, кој е најдобриот во класата. Бројките велат дека забрзувањето до стотка трае 9,4 секунди, додека максималната брзина изнесува одлични 215 km/h.
![](http://koli.com.mk/novosti/honda-civic-2012-(23).jpg)
Управливост/Удобност
Хард кор љубителите на Honda веројатно тешко ќе го проголтаат ова, но новиот Civic е најдуобниот модел во класата! Да, да, поудобен и од Citroen C4, особено при повисоки брзини, кога едноставно лизга по патот. Ниту поголемите дупки не се пренесуваат во внатрешноста – ги поминува цврсто и компактно, а суспензијата скоро и да не се огласува...
Без грижи, Civic и натаму е компетентен во свиоците, иако не како најдобрите во класата. Се однесува стабилно и предвидливо и потпомогнат од супер директното и прецизното управување, јапонскиот компакт е прилично лесен автомобил, дури и кога се вози побрзо.
Рафинираност
Благодарение на стандардно тивкиот мотор и солидната звучна изолација, кабината е тивка и при повисоки брзини. Агрегатот работи и скоро без вибрации, а заодоволува и целосната рафинираност во изработката.
Во кабината
Простор/Практичност
Можеби купе кровната линија придонесува за подобра аеродинамика, но никако и за простор во внатрешноста. Проблемот кај Civic не е во просторот за нозете или рамената (кој речиси го има како во автомобил од класата на Accord), туку во просторот за главата, кој го има многу помалку отколку кај конкурентите, а тоа важи и за предните и за задните седишта! Багажникот пак брои рекордни во класата 407 литри и е доволно длабок за да проголта и поголем товар. Со спуштањето на задните седишта се добива и целосно рамен под, а низ кабината има доволно места за одлагање ситници.
![](http://koli.com.mk/novosti/honda-civic-2012-(13).jpg)
Ергономија
Во возачки ориентираниот кокпит, возачот лесно ќе ја најде идеалната позиција, а седењето е удобно и менувачот е секогаш на дофат на раката. Но, командите за климата и аудио уредот се крајно непрегледни, со мали ознаки и чудно распоредени, па нивното навикнување ќе биде долг процес. Исто така, пониските возачи ќе имаат потешкотии да го видат брзиномерот, кој е попречен од горниот дел на воланот...
Опрема
Со моторот 1,8 има само една моделска изведба, која е исклучително добро опремена, со ABS+ESP, 6 воздушни перничиња, автоматска клима, радио со CD+MP3 и 6 звучници, целосна електрика, сензори за светла и дожд, задна паркинг камера, темпомат, 17 инчни алуминиумски тркала, металик боја, наслони за раце напред и назад... Навистина, опрема која конкурентите ја нудат само во највисоките нивоа.
Финансии
Трошоци за купување и одржување, потрошувачка
Мотор со 142 КС за 17.990 евра, со Honda лого на предната маска? Повеќе и од конкурентно, особено благодарение на понудената опрема и гаранцијата од 5 години или 150.000 километри. Всушност, цената е конкурентна и на корејските модели, што во најмала рака е за пофалба!
Згора на тоа, бензинскиот мотор е исклучително економичен – троши 7 литри во просек (6,1 фабрички), односно 8,5 литри во град и под 6 литри на отворено. За агрегат со 142 КС, одлично постигнување.
Квалитет, доверливост и повратна вредност
Квалитетот на материјалите е драстично подобрен во однос на претходникот – сега на многу повеќе места пластиката е мека на допир. Завршната обработка стандардно е на највисоко ниво, а високиот квалитет во изработката го потврдуваат и децениски одличните резултати на Honda на испитувањата за доверливост.
Безбедност
Пет ѕвездички по новите тестирања на EuroNCAP и високи оценки во сите критериуми, го ставаат Civic на пиедесталот во класата кога е во прашање безбедноста. За разлика од некои конкуренти кај нас, безбедносната опрема е целосна кај сите модели – 6 воздушни перничиња и цел сет контроли на стабилноста.
http://koli.com.mk/novosti_vnatresna.aspx?id=3076--------------------------------------------------------
![](http://i50.tinypic.com/21ou92g.jpg)