Гледајќи ја дискусијата на
@ficomk за Rav4, по две-и-кусур години поминати со PHEV, си реков да поставам и да одговорам неколку прашања околу секојдневно живеење со такво возило.
1. Дали PHEV е за мене?PHEV не е за секого. Како концепт, условен е од редовно полнење. Самиот факт дека има релативно мала батерија (во однос на целосно електрично возило) наметнува поредовно полнење. Не е фул-електрично возило кое би го полнел еднаш на недела или две, туку возило кое треба да се полни поредовно. И поради тоа, PHEV-от бара почесто полнење. Всушност, би дека рекол
правилната експлоатација е условена од можност за полнење во домашни услови, без разлика дали е тоа во куќа со двор, пред куќа, на приватно паркинг-место, во подземна гаража, итн. Особено бидејќи полнењето кај PHEV е поспоро, па треба неколку часа, за разлика од целосно-електрични возила кои на брз полнач се полнат за помалку од 1 час.
2. Колку трае полнењето?Како што кажав, полнењето кај PHEV е поспоро во однос на електричните возила. Од една страна, за да се задржи пониска цена (иако не се евтини), од друга страна - бидејќи едноставно нема потреба. Замислени се да се полнат дома, преку ноќ. И како такви, не е важно дали полнењето ќе трае пола час или пет часа. Јас ја закачувам колата на полнач навечер, автоматски почнува да се полни во одреден временски интервал, до сабајле е полна. Батерија со капацитет од околу 10-12 kWh се полни за околу 5.5 часа. Односно, неважно, бидејќи секако во тој период спијам.
3. Колку често треба да се полни?Како и за многу други работи, и тука одговорот е (за мене непопуларното) - зависи. Повеќето плаг-ин хибридни возила поминуваат меѓу 50 и 100 километри на струја. Моето искуство кажува дека 50-тина километри се доволни
за мене, а најверојатно и за повеќето луѓе во Скопје. Рутата работа-дома-работа и разнесувањето деца на курсеви/пливање/итн би требало да ја собере во тие 50-тина километри. Секако, повеќе опсег е подобро, бидејќи повеќе се вози на струја - а тоа значи помалку користење бензин.
4. A што кога ќе се потроши батеријата?Има една заблуда дека кога ќе се потроши батеријата, колата вози само на бензин и „само непотребно влечеш тешка батерија“. Океј, тоа е до некаде точно, ама во реалноста секојдневното возење PHEV бара маааааало „доучување“. Зошто го кажувам тоа? Па да, ако ја испразнам скроз батеријата, тогаш неколку километри ќе ги возам само на бензин, додека системот не си поднаполни малку струја и не ми овозможи да возам во хибриден режим. Арно ама, ако префрлам во хибриден режим
пред целосно да се испразни батеријата и користам регенеративно кочење, тогаш системот цело време ќе си ја дополнува батеријата и ќе можам (помалку или повеќе) да возам хибридно цело време. И тогаш имам моќ и од бензинецот и од електромоторот, и потрошувачката е смешна.
5. Дали температурата влијае на автономијата?Да, апсолутно. Екстремно високи и екстремно ниски температури влијаат на автономијата. Не поради електромоторот или батеријата, туку највеќе поради дополнителните компоненти - на пример клима. Кај мене, бидејќи е мала батеријата а клима-уредот е топлотна пумпа и добива струја од големата батерија (за да имам клима и кога не работи бензинецот), автономијата се намалува и до 25% во некои ситуации. Од друга страна, научив како да го хендлам тоа - насабајле ако треба да искочам кога е ладно, активирам pre-conditioning за колата да биде спремна во времето кога треба да излезам, додека колата е сè уште на полнач. И влегувам во топла кола, со згреана батерија, а климата работи помалку бидејќи температурата е веќе постигната. И понатаму има ефект врз автономијата, ама не е како што би било кога би требало да ја загревам кабината „од нула“.
6. А што ако заборавам да ја ставам колата на полнач?Ништо страшно. Следниот ден возењето ќе биде на бензин и струја во хибриден режим. Нема да биде толку евтино како возењето само на струја, ама (од мое искуство) потрошувачката низ град е помалку од 5 литри на 100 километри.
7. Е да, евтино. Колку евтино?Изминатиов период бидејќи е поладно, потрошувачката на струја е некаде околу 22.5 kWh на 100 километри во просек. Преведено во пари, тоа значи околу 110 денари на 100 километри. Кога е потопло, знае да биде и значително пониска - околу 16-17 kWh на 100 километри, односно околу 80-тина денари на 100 километри.
8. Повеќе возам на отворено, дали PHEV е за мене?PHEV како концепт би требало да биде best of both worlds. Струја низ град, хибридно на отворено. Меѓутоа, ако поголемиот дел од километрите (да речеме, ќе треснам, повеќе од 70% од километрите) се прават на отворено, тогаш најверојатно подобар (и поевтин) избор би било да се земе конвенционален хибрид.
9. Какво е одржувањето?Исто како за турбо-бензинец. Редовен сервис еднаш годишно или на 10.000 километри. Јас не правам 10.000 километри годишно бидејќи возам и еден куп други коли, ама пак си ги правам редовно сервисите.
10. И што ако се расипе батеријата?Батеријата има гаранција од 8 години или 180.000 километри. Меѓу другото, гаранцијата е дека во тој период, капацитетот нема да падне под (мислам) 70%. Мојата кола во моментов има 41.500 километри и не сум забележал никаков пад на капацитетот на батеријата. Понатаму, доколку (скраја да е) има некакви проблеми, постои и официјален сервис, а веќе постојат и неофицијални сервиси кои се занимаваат со оваа проблематика, имаат огромно искуство и понормални, поприфатливи цени.
11. Кои навики треба да ги сменам?Во суштина, кола како кола, возењето си е возење. Како што реков, бара малку доучување и мала промена на секојдневните навики, ама ништо страшно. На пример, ми стана навика да ја ставам колата во двор и на полнач кога ќе завршам со дневните обврски и знам дека нема пак да треба да излезам. Ми се случува да заборавам и да излезам касно навечер по пижами за да го напраам тоа, не дека не... Ама и да заборавам и да не ја ставам колата на полнач - како што пишав погоре, ништо страшно, да сме живи и здрави. Дополнително, системот си бара и малку механичка емпатија. На пример, ако тргам на подолг пат, ја ставам колата во хибриден режим уште пред да излезам од град, за бензинецот да поработи и да се раздвижат течности пред да возам на отворено. Механички, сигурно нема да биде добро за моторот да стигнам до 120-130 на саат на струја, и одеднаш на тие брзини да се вклучи бензинецот. Такви работи.
12. Дали пак следната кола пак ќе ми биде PHEV?Апсолутно. Многу пати сум рекол дека живеењето со PHEV субјективно ми одговара. Ми се допаѓа возењето на струја, особено низ град. Од друга страна, бидејќи го имам бензинецот, не треба да се оптеретувам со тоа каде ќе полнам, дали ќе стигнам, дали таму каде што одам има полнач, па дали ќе биде зафатен или не, итн. Евентуално, можеби би земал кола со нијанса поголема батерија, чисто за да имам малку повеќе рејнџ.
Тоа би било тоа. Мислам дека покрив сè.