Разбиена осумчлена банда на крадци на стари „југовци“ и „застави“
Шест лица се уапсени поради вмешаност во кражби на автомобили, а по двајца се трага. За осумтемина постои сомневање дека се лицата што оперирале низ општината Аеродром, од каде што меѓу 28 декември и 23 јануари исчезнаа триесет и пет возила. Колкава е материјалната штета дополнително ќе биде утврдено откако во целост ќе биде расчистен случајот со приведените. Во тек е истрага за утврдување на нивна вмешаност и во други кривични дела. Првично е дека вредноста на украдените коли е нешто над еден милион денари.
Полицијата поднесе пријави против Р.К. (26), Е.И. (22), Н.А. (21), С.Д. (44), С.Ј. (21) и Ѓ.М. (40) за извршени пет тешки кражби на моторни возила, две одземања, за седум дела помагање и за шест дела прикривање меѓу септември лани и јануари годинава.
Педесет и седумгодишниот И.Б. и деветнаесетгодишниот Џ.И. во моментов не им се достапни на органите на прогонот. Откако слушнале дека полицијата еден по еден ги приведува членовите на групата, тие избегале од дома. По нив е распишана телеграма за приведување.
Сé почнало да се дознава откако, според наши информации, при претрес на домот на еден од сега пријавените биле пронајдени регистарски таблички од неколку возила „лада“, „југо“ и „застава“.
Инспектори од полициската станица во Автокоманда го повикале на информативен разговор, по што клопчето почнало да се одмотува. Приведениот ги кажал сите од групата. Дал детален опис за тоа кој за што бил задолжен при кражбата и кој што правел откако возилото ќе било одземено. Веднаш потоа се тргнало кон решавање на случајот.
Во вторникот утрото, по претходно преземени мерки, полициските инспектори ги фатиле на дело Р.К. и Е.И. во моментот кога пред домот на С.Д. демонтирале „лада караван“ одземена од паркинг на булеварот АСНОМ.
Р.К., Е.И., Н.А., С.Д., С.Ј., Ѓ.М., И.Б. и Џ.И. се делеле во групи. Некои од нив биле на паркинзите пред и околу „Бисер“, „Веро“ и подолу кај „Три бисери“, некои пак „работеле“ кај „Скопјанка“, во Острово, и отспротива во Мичурин. Во неколку наврати биле и во Бутел и во Центар. Тие ги одземале колите, во дворот на С.Д. во Маџари ги сечеле на парчиња, ги запалувале за да им се уништи бојата и никој да не ги препознае и ги продавале како старо железо во отпадот „Капитал“, чиј сопственик е осомничениот Ѓ.М.
Во куќата на С.Д. полицијата пронашла регистарски таблички од украдени возила, а во отпадот на Ѓ.М. белешки за извршен откуп на старо железо, на менувачи и каросерии.
Шестемина, Р.К., Е.И., Н.А., С.Д., С.Ј. и Ѓ.М., се познати сторители на тешки кражби, заради што им биле изрекувани и судски пресуди, а И.Б. и Џ.И. се нови во групата и тие досега не биле приведувани во полиција ниту против нив биле поднесувани какви било пријави.