Продолжуваме со досредување на ситници, и не толку ситници. Минативе (скоро) месец дена бандажите беа кај Дарио на комплетно средување. Од “само се со црна боја офарбани“, испадна дека сите четири бандажи беа искривени, дека биле фарбани повеќе пати со несоодветна подготовка, и дека севкупно се во очајна козметичка состојба. Бандажите ги исправив во автосервис Борче по препорака од Дарио, и отидоа кај него на средување.
Вчера ги зедов, и искрено сум презадоволен. Комплетно исчистени до милиметар, па направена соодветна припрема, па исфарбани. Нијансата е антрацит/gunmetal боја од Porsche, мат финиш, со интересно прелевање на различна светлина. Се помислив да ги вратам во фабричката сребрена боја, ама не сум голем фан на таа боја на бандажи, особено откако видов црвена Giulietta со истите. Сакав потемни.
За да не е нецелосна работата околу тркалата, набавив и нови OptiVent скриени вентили, како и нови OEM капачиња. На сликата е само едно капаче бидејќи yours truly не прочита на Alfisti дека цената е за ПАРЧЕ, па сега си ги чекам другите три да излезат од царина.
Купив и нови штрафови за тркалата, старите беа 'рѓосани малку. Во овој контекст да ги поздравам Аутомобиле СК, кои ми побараа 480 денари за ЕДЕН ШТРАФ, и ми дадоа понуда од 9,600 денари за 20 штрафови, ако сакам да ги нарачаат и да ги почекам. Се снајдов од друго место. Не се ОЕМ, ама по препорака ги зедов така да не се сомневам во квалитетот.
На крај, за да не правам големи трошоци наеднаш, сакав зимава да ја извозам со зимските гуми што ги добив со колата. Среќа шо ги проверив со време, пошо беа со DOT од 2016та, меури на две од четирите гуми, и потскинат sidewall овде-онде. Како последица на сето то, спакував и еден комплет Pirelli Sottozero 3 од Мотоцентар. Се мислев помеѓу тие, Continental TS870p и Michelin Pilot Alpin 5. Сите беа во распон од 100 евра разлика во цена за четири гуми, и за моето возење преку зима сите три беа еднакво супер опции по перформанси. Пресуди “најтазе“ датумот на производство на Pirelli-то (DOT 3423), како и rim protector-от кој се надевам никогаш нема да го искористам.
Бандажите моментално ми се дома, по препорака од Дарио до среда ги оставам да се исушат убаво, па во среда ќе одат на колата комплет со се гуми, вентили и капачиња, како што е ред.