Еден летен апдејт, за памет и совет за ценето клаберство.Прво, однапред да се извинам за долгиот пост, но форумов како соодветна ментална институција
, заслужува да споделам едно непријатно искуство со кое ми се еба единствената слободна недела за годишен одмор.
Во ек се годишните одмори, па некој сеуште не го искористил и може да му се најде искуствово.
На домор појдовме на 06.07.
Се' до 11-ти, поминувавме супер, се возицкавме по околни плажи, одмаравме, уживавме.
Четвртокот, 11-ти, околу 17:30 тргнавме за Парга. Целта беше да прошетаме, да вечераме во некоја од таверните и да видиме дали би не пуштиле на крстарење со песот на Паксос и Антипаксос и воедно да купиме карти за наредниот ден.
Но, БМВ рече, чекајте малце другари, Let's play a game.
По пат натака (бевме сместени на 35км од Парга), светна портокалова порака дека моторот загрева и да возам умерено. На тој пат не ни може да не се вози умерено, патот е за 80-90км/ч. Пораката се појави, па се гасеше и така 4-5 пати. Си реков, ОК, може топло му е, па реагира некој сензор.
Се додека на една угорнина не јави црвена порака дека моторот постигнал висока температура и да застанам веднаш. КОга германец ќе каже да застанеш, ќе застанеш.
Изгасив мотор, отворив хауба како искусен Алфиста*, барајќи сомнителни капења/течења кои не ги најдов. Почекав малку, запалив, па продолживме. После 2 минути почна истиот редослед. Застанав пак, почекав малку да се подолади. Казанчето за антифриз не го отварав од добро познати клаберски причини. Запалив повторно и некако стигнавме близу Парга, па остана да се пуштам по удолницата и да паркирам на првиот паркинг, а во меѓувреме швабо си го запази редот со известувањата, но сега заокружено со порака да дополнам разладна течност.
Ја оставив колата на паркинг да се олади и земав антифриз од бензиска. После 1,5час отворив да дотурам. Сипав 2,5л додека да стигне на минимум. Го жртвував најмалото да легне под кола, на што следеше првата дијагноза, абе тато тече од доле.
Веќе фати 20:15 и почнав да гуглам сервиси, пошто одговорниот на паркингот од зборови знаеше само тен јуро. Видов дека во околина има само еден локален сервис, па следен на 40км. Се јавив на локалниот, вика не сум во Парга, а се враќам доцна вечер. Се јавив на подалечниот, вели може да го отвориме сервисот во било кое време и тоа чини 60еур, но за сервисирање се чека работно време. Велам, во ред ама мислам дека не можам да прејдам 40км за да ви дадам 60еур. Сори мај френд. Помина еден локалец, виде дека имаме проблем и побара на телефон некој, кој дојде за 10мин. Арно ама беше електричар, не се разбираше од механика и ми рече дека тече од климата. Велам ОК, сигурно, климава тече после саат и пол. Ставив ОБД-то да видам дали ќе има нешто невообичаено, немаше никакви грешки и никакви невообичаени параметри.
Фати 20:40, ние дотерани тргаме да бараме сместување во шпиц, во Парга, за 5 души + куче. Тешко одеше, а она што го најдовме беше за без куче. Почнавме да размислуваме дали да преспиеме на плажа, а децата во кола. Побарав помош во туристичка агенција, ама безуспешно. Побарав на Букинг и ми најде едно решение, викано Хотел Галини. Се упативме веднаш натака. Имаа 2 последни соби, една 3-ка 80еур, една 2-ка 60еур, хотелот пет френдли. Дечкото ни даде одреден попуст кога му ја објаснивме ситуацијата и ни дозволи да седиме во хотелот, да користиме лоби, интернет, тоалети и се останато онолку колку што е потребно додека да се снајдеме. Преспавме колку што можеше да се спие.
Петок. Утрото станав рано, дечкото од хотелот се јави на истиот локален сервис и му кажаа дека во 9 отвараат, ако можам да дојдам веднаш да ја погледант колата, ако не, дека ќе дојдат на лице место. Отидов до кола, сипав остатокот од антифризот што остана и се качив во сервисот. На 1,5 км беше од доле, колата не успеа ни да почне да загрева, ниту јави грешка. Горе почекаа да олади и она малку ако загреало и веднаш ја внесоа на дигалка. Направија темелна проверка и ме викнаа, светна со батеријата и ми покажа дека тече горе од над главата на моторот.
- Вели, да е некое црево околу да може да се смени/прикрпи, ќе средиме, ама за ова треба да се растури цел горен дел и цела всисна грана. Колку време имате?
- Велам, утре се враќаме за Скопје.
- Вели, ова е работа најмалку до вторник. Треба да се растури, да се открие дефектот, да се порача дел, да стигне да се состави.
- Прашувам, каде е најблиску сервисот на БМВ и дали може со нив да се консултираме.
Јанина. Се јави, им објасни. Прво немаат влечна служба, треба надворешна да ја донесе колата до кај нив. Второ, скоро ништо немаат лагер резервни делови освен масла и филтри, работеле на закажување и за се' што било потребно поблекуваат од Солун или Атина. Денес петок, сабота и недела не работат, велат најрано вторник би ја завршиле колата.
Голема беља. Сместување дополнително немаме, од платеното две промашивме, еднствен разумен компромис е да се пакуваме и да си одиме.
Сервисот во ПАрга не ми зема ни евро за одвоеното време, ми рекоа дека доволно проблеми имам за да го наплатат и они нивното. Ја паркираа колата пред сервис и превземаа одговорност да ја предадат колата на шлеп од кои ќе им оставам детални податоци.
Организирав шлеп од Битола (како најблиску) и дополнително комбе (Шаран, кое се испостави дека е Алхамбра, ама небитно). Тргнаа половина час откако ги контактирав и бевме во постојана комуникација до каде се.
Денот го искористивме за шетање низ Парга иако беше пеколно жешко и за товење со гиро.
Комбето стигна и не зема во 17:20. ИМаше обрска да не однесе каде што бевме сместени, да не почека да се спакуваме и да не носи за Скопје.
Шлепот ја превзема колата нешто после 18:00. Иако сервисот работеше до 17:00, луѓето си останаа на зборот и ја предадоа колата подоцна.
Скопје стигнавме 22:40, а со оглед на тоа што колата требаше да стигне многу покасно, им кажав да преноќи Битола, па да ја донесат утредента - Сабота.
600еур шлеп Битола-Парга-Скопје, 400еур за нас Битола-Парга-Лигија-Скопје.
Колата стигна во М-Кар саботата, сервис не работи во сабота.
Понеделникот отидов утрото и се објаснивме.
Направија дефектажа веднаш понеделникот, го средија проблемот, ја ставија под притисок и да работи и понеделник и утрото вторник. Велат, се' е во ред, пукнато црево, нема дополнителен проблем. Велам ОК, ај додека е таму напрајте и редовен сервис пошто секако е помината една година.
Црвеце од 50еур, работна рака 350еур.
инфо: 1 х ФРУ(5мин.) = 310ден.
Немаше ли асистенција?Некои се повикуваат на Марфи, некој карма, престапна година, црвен конец на раскрсница, уроци итн.
Јас не знам на што да се повикам, можда
така требало да биде.
Асистенција од АМСМ имав повеќе од 10 години. Последните 3 ми ја надградија без дополнителен трошок во платинум, како лојален клиент.
Картичката ја продолжував секогаш кога ја регистрирав веспата, истекуваа во ист период.
Веспата ја продадов лани и овој март месец, немав регистрација и што од обрски, што од немарност, скроз изумив дека не ми е продолжена асистенцијата.
МИ текна викендот пред да одиме на одмор, затоа што на другар му се случи непријатна случка баш пред тргање на одмор. Тогаш ми кликна дека не ми е продолжена.
Ајде велам, наредна недела да завршам тоа.
Наредната недела повторно глава не кренав од обрски и повторно несвесно заборавив се до петокот, кога татко ми имаше непријатна случка со колата и тоа пази.......пред тргање на одмор. У јеботе.
Од работа, одам во Мотоцентар Нерези и им велам дајте од тоа Орикс асистенцијата. Тие ме гледаат бело и 3 пати повторуваме дали е Оникс, Омикс или Орикс, за на крајот да треба да го почекам шефот и да видам со него. Надвор 42 степена. Јас го чекам шефот. Доаѓа, му објаснуам. Абе тоа...не знам, чекај, не сме продале, чекај.
Ѕвони во Мотоцентар Момин Поток. Се објаснуваат по телефон. Гледам, слушам и не ми се верува. Абе дечко, тоа било нешто со нови гуми Мишелин и Континентал, па со нив врзано ама изгледа веќе нема.
Вадам она листот со партнери и каде може да се купи асистенцијата и ми дадоа број, вели јави се на овој.
Бројот недостапен. ООООкеј.
И она црвеното со рогови, седнато на лево рамо, ми вели Марјане, жива вода си, гледаш и овие те ебаваат, нова кола имаш, лани 4.000км сврте низ Европа за одмор, што се замараш, зар мислиш дека баш тебе сега кога немаш асистенција ќе те задеси нешто. Алфа* имаше бе чоек. И му велам, така е прав си, дај да одморам бар 1,5 саат пошто ноќеска треба да возам.
И така.
Пари како пари ќе се спечалат. Најважно е на крајот што стигнавме дома сите живи и здрави на број.
Одморот ме кошташе можда како одмор на Малдиви, ама па таму немаше да пукне цревцето
Најкриво во целата ситуација ми е, дека имавме 1 недела каде можевме да бидеме заедно сите фамилијарно на одмор. И таа една помина како што помина и најкриво ми е што и децата требаше да ги јадат нервозите.
Не сакам постов да биде предмет на препуцавање и исправање влакна со гумен чекан, ниту мое барање утеха.
Нека стои за памет и совет кон сите, како постари, така и помлади возачи.
Регистираш кола, купи асистенција. Нервози ќе кркаш, ама бар делумно ќе покриеш трошок.
Не знаеш кога што може да се случи без разлика на возраст на кола, без разлика на помината километража и без разлика како и колку ја одржуваш колата и колку љубов и пружаш (последново мораше дека сме форим за коли).Нема слика од колата пошто моментално сум и љут.
*(Алфата не дочка да биде со отворена хауба на пат - заб. на авторот)