На патиштата во Македонија лани се случиле 12.253 сообраќајни незгоди со потешки и полесни последици, односно 18 отсто помалку отколку во 2009 година, а во кои загинале 162 лица
На секои 54 часа на коловозите низ земјава во сообраќајни несреќи загинува по едно лице, а секојдневно во болниците се примаат повеќе од 17 лица повредени во сообраќајки, покажува статистиката на МВР за минатата година. Според Министерството, статистичките показатели покажуваат дека безбедносната состојба во сообраќајот лани е подобрена споредено со 2009 година.
На патиштата во Македонија лани се случиле 12.253 сообраќајни несреќи, т.е. 18 отсто помалку отколку во 2009 година. Во 2010 година се регистрирани 4.226 тешки сообраќајки, односно 3 отсто помалку отколку во претходната година. Во нив загинале 162 лица, односно двајца повеќе отколку во 2009 година, а 6.375 биле повредени, што е за 356 лица помалку во однос на 2009 година. Бројот на сообраќајните незгоди во кои е причинета само мала материјална штета - 8.027, е за 24 отсто помал отколку во 2009 година.
Според полицијата, главната причина за големиот број несреќи е отсуството на сообраќајна култура и дисциплина кај учесниците во сообраќајот. Речиси 95 отсто од вкупниот број сообраќајки биле предизвикани од возачи, а најчесто поради пребрзо возење и со меѓусебни судири на возилата. Во ланските сообраќајки загинале 80 возачи, 32 пешаци и 50 патници.
Како и во претходните години, речиси половина од сообраќајните несреќи со тешки последици се случиле на подрачјето на Скопје - 1.936, во кои настрадале околу 30 отсто од загинатите. Сепак, во Скопско лани имало помалку сообраќајки и помалку настрадани отколку во 2009 година.
- И во текот на 2010 година продолжи порастот на фреквенцијата и густината на сообраќајот на патиштата во земјава. Зголемената фреквенција и густина на сообраќајот особено се забележува во населените места, каде што поради недоволните вложувања во развојот на уличната мрежа с` почесто се создаваат тесни грла. Проблемот дополнително се усложнува и поради недоволниот број патеки за велосипедски и пешачки сообраќај, а постојните патеки често се узурпирани со непрописно паркирани возила - велат од МВР.
Како решение за намалување на бројот на сообраќајки, од МВР предлагаат зајакнати сообраќајни контроли, построги казни и медиумска кампања.
- Потребно е да се остварува постојан увид над патната мрежа и сообраќајната сигнализација и за уочените дефекти и недостатоци навремено да се известуваат организациите надлежни за нивно одржување. Освен на техничката исправност на возилата, ќе се влијае и врз спремноста на возачите преку подобрување на квалитетот на обуката на кандидатите за возачи, како и законитоста во спроведувањето на возачките испити - велат од МВР.
Игор Шегавиќ
Повеќе незгоди во Кумановско
Статистиката покажува дека по Скопје најмногу тешки сообраќајки- 311 се случиле на подрачјето на Куманово, што е за околу 11 отсто повеќе отколку во 2009 година. Во Кумановско имало и најмногу настрадани- 12 загинати и 489 повредени, па и во оваа категорија има тренд на зголемување. Најголемо зголемување на тешките сообраќајки е регистрирано во Велес и тоа за 12 отсто, каде се случиле 115 незгоди со тројца загинати. Бројот на тешки сообраќајки минимално е зголемен во Прилеп, Штип и во Кавадарци. По Скопје и Куманово, најмногу загинати има на подрачјето на Кавадарци каде во 96 незгоди загинале 11 лица, а во 2009 година во 91 несреќа имало 5 жртви.
Најмногу жртви на отворен пат
Како и во изминативе години најмногу тешки сообраќајки се случиле во населените места, но најмногу жртви имало на отворен пат.
Во населените места лани имало 3.065 незгоди во кои 56 лица загинале, а 4.310 биле поведени. Во 2009 година имало 3.154 незгоди со 69 загинати и 4.459 повредени. Во 2010 година на отворените патишта се случиле 1.161 незгоди во кои 106 лица загинале, а 2.065 се повредени. На отворен пат една година претходно имало 1.203 тешки сообраќајки во кои загинале 91 лице, а 2. 272 се повредени.
Петок - кобен за возачите
Анализата на сообраќајките направена според месеци покажува дека лете има речиси двојно повеќе несреќи отколку во зима. Според месеците, најмногу несреќи се случиле во август - 477, а најмалку во февруари - 249. Петок е ден од неделата кога имало најмногу несреќи - 675 и сабота, а најмал број на несреќи се случиле во неделите - 536. Најкритичен периодот од денот за сообраќајки е меѓу 14 и 16 часот, а најбезбедни учесниците во сообраќајот биле во периодот меѓу 4 и 6 часот.
#
http://www.time.mk/read/NONE/b121108f03/index.html