Не поефтинува поскапува
Возилата добиваат налепница, регистрацијата поскапува
Штом ќе поминат на технички преглед и ќе бидат регистрирани, возилата ќе добијат налепница што ќе треба биде ставена на ветробранското стакло. Таа ќе служи како доказ дека регистрацијата е завршена, па полицајците не ќе мораат често да ги запираат возилата за проверка. Зголемувањето на цената на регистрација ќе биде симболично, тврдат од Владата. Ова се дел од новитетите во насока на подобрување на процесите и присвојување на европските стандарди и законодавство, кои веќе се испратени во собраниска процедура.
„Целта е службеното лице на МВР да не мора да го проверува секое возило во сообраќајот дали е регистрирано, бидејќи регистрацијата на возилото ќе ја препознае преку налепницата која треба да биде истакната на видно место, најверојатно на предното ветробранско стакло, што претставува решение по европски терк. Со ова, застанувањата ќе се намалат за голем процент, што е во интерес на полицијата и секако на граѓаните“, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Налепницата ќе се добива при процесот на регистрација од страна на МВР. Предвидено е кога Законот ќе помине во Собранието, оваа обврска да почне да важи една година од неговото донесување.
Со измените се уредуваат и постапките за хомологација на возилата за превоз на опасни материи, кои треба да ги исполнуваат техничките барања, согласно со Европската спогодба за меѓународен патен превоз за опасни материи, како и хомологација на возилата за превоз на лесно расипливи прехранбени производи. Наедно, продавачите во автосалоните ќе бидат должни да ги информираат купувачите за потрошувачката на гориво на купеното возило, односно емисијата на гасови-СО2 за секој тип возило.
Ќе се воведе и полагање стручен испит за стручниот работник, кој врши технички преглед на возилата во техничката станица, за што ќе се издава лиценца за работа, а испитот ќе се полага на секои четири години. (Г.А.)
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=B788A895CB1504488F41187D1E96973A