Информации околу влечење на друго возило.
Член 76
(1) Со моторно возило смее да се влече друго моторно возило само ако
тоа, поради неисправност или недостиг на одделни делови, не може самото да
се движи.
(2) Со моторно возило не смее да се влече мотоцикл со или без странична
приколка или друго возило на две тркала.
(3) ) Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член.
Член 77
(1) Моторно возило смее да се влече ноќе, како и дење во случај на
намалена видливост, само ако на својата задна страна има запалени црвени
светла за означување на возилото или ако го влече моторно возило кое има и
при влечењето користи жолто ротационо светло.
(2) На правното лице кое ќе нареди или дозволи влечење на моторно
возило, спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член, ќе му се изрече глоба
во износ од 520 до 1.350 евра во денарска противвредност.
(3) За прекршокот од ставот (2) на овој член, глоба во износ од 330 евра во
денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице на правното
лице.
(4) Глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 78
(1) За време на влечењето на возилото од членот 76 став (1) на овој закон,
двете возила се означени со знак со кој се означува запрено возило на
коловозот (сигурносен триаголник). На моторното возило кое влече друго
возило, триаголникот се поставува на предната, а на влечното возило на
задната страна.
(2) Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 79
(1) Моторно возило на пат може да се влече со помош на јаже, крута
врска (руда) и со потпирање или бесење на возилото за влечното возило.
(2) Со помош на јаже не смее да се влече моторно возило на кое не му се
исправни уредите за управување или уредите за запирање, ниту товарно
моторно возило и автобус.
(3) Со крута врска не смее да се влече моторно возило кое нема исправен
уред за управување, ниту моторно возило потешко од влечното возило, ако не
му е исправна работната кочница.
(4) На правното лицe кое ќе нареди или дозволи влечење на возило,
спротивно на одредбите од ставовите (2) и (3) на овој член ќе му се изрече глоба
во износ од 650 евра во денарска противвредност.
(5) За прекршоците од ставот (3) на овој член глоба во износ од 520 евра
во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното
лице.
(6) Глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода
согласно одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбите од ставовите (2) и (3) на овој член.
Член 80
(1) Ако моторно возило се влече со помош на јаже или крута врска,
лицето кое управува со влеченото возило потребно е да има дозвола за
управување од онаа категорија возила на која му припаѓа возилото кое се
влече.
(2) Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 81
(1) Влечење на натоварено товарно возило со или без приклучно возило,
односно трактор со приклучно возило, е дозволено само до првото место
погодно за претовар на товарот, а по исклучок и до првото место на кое може
да се отстрани неисправноста на возилото.
(2) На правното лицe кое ќе нареди или дозволи да се влече возило
спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член, ќе му се изрече глоба во
износ од 520 до 1.350 евра во денарска противвредност.
(3) За прекршокот од ставот (2) на овој член, глоба во износ од 550 евра во
денарска противвредност, ќе му се изрече и на одговорното лице во правното
лице.
(4) Глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 82
(1) Во сообраќај на јавен пат, со трактор може да се влече само едно
запрежно возило кое е преуредено за влечење со помош на трактор.
(2) Запрежното возило кое го влече трактор во сообраќајот на пат,
задолжително треба да има гумени тркала.
(3) Запрежно возило кое го влече трактор во сообраќај на пат,
задолжително треба да биде приклучено на трактор со помош на крута
зглобна врска, така што во текот на возењето е обезбедена стабилност на двете
возила и е оневозможено нивно раздвојување.
(4) Глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбите од ставовите од (1) до (3) на овој член.
Член 83
(1) Растојанието помеѓу влечното и влеченото моторно возило, ако се
влече со јаже изнесува три до пет метри, а ако се влече со помош на крута врска
може да изнесува и помалку од три метри.
(2) Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, ќе им се
изрече, односно ќе им се регистрираат десет негативни бода согласно со
одредбите на овој закон, на возачите на возилата од ставот (1) на овој член кои
постапуваат спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 84
(1) Моторно возило кое на пат влече друго неисправно моторно возило,
не смее да се движи со брзина поголема од 40 км/час.
(2) Со влеченото возило од ставот (1) на овој член забрането е да се
превезуваат лица.
(3) Глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност во мандатна
постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода
согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на
одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член.