Голем скандал изби во Германија, откако се дозна дека германскиот автомобилски клуб ADAC ги фалсификувал резултатите од гласањето во изборот „Автомобил на годината“, пишува Deutsche Welle.
За победник во изборот беше прогласен Volkswagen Golf, кој според организаторите на настанот добил 34.299 гласови од читателите на весникот на ADAC. Сепак за овој модел гласале едвај 3.409 луѓе, а останатите биле „додадени“ од уредниците на списанието.
Во ADAC го признаваат фалсификатот, тврди Daily Mail, прецизирајќи дека одлуката за фалсификат е донесена токму од уредниците на весникот. Тие самостојно процениле дека „голем автомобил како Volkswagen Golf добил премалку гласови“ и затоа одлучиле да го зголемат резултатот.
Deutsche Welle од своја страна додава дека по откривањето на малверзациите, шефот на одделот за односи со јавноста на клубот и главен уредник на списанието ADAC Motorwelt Михаел Рамшетер поднел оставка од сите функции.
Сосема можно е да започне истрага и за резултатите на претходните избори за „Автомобил на годината“ организирани од ADAC. Главниот уредник во оставка – Михаел Рамшетер, веќе признал дека резултатите се наместени како во 2013, така и во 2012 година. Еден од откриените фалсификати во 2012 година е наградата „Gelber Engel “, доделена на Audi. Излегува дека наместо официјалните 330.000 гласа, кросоверот на Audi добил едвај 76.000.
Според информациите наскоро ќе бидат докажани и малверзации на конкурси за автомобили, организирани од други големи домашни изданија. Се тврди дека тие земале мито од германските производители на автомобили, за повисоко да рангираат одредени модели.
I sea, sto kje kazat ljubitelite na Goljf??