После последниве неколку дена, се наоѓам себеси приморан да го напишам овој пост, со надеж дека ќе помогне малку за подигнување на нивото на комуникација и подобрување на меѓу-членските односи на форумот.
Сите добро ја знаете историјата на форумов, и зошто постои. Единствената цел е да понудиме место каде што луѓето кои се интересираат за коли ќе имаат место за комуникација, дружење и соработка. Е сега, последниве неколку дена расправиите и караниците стануваат навистина огромни, и верувајте ми, ја доведуваат во прашање иднината на самиот форум. Не ви е јасно зошто? Дозволете да ви објаснам.
Форумот функционира поради, и за неговите членови. Ако дискусиите - во кои е сосема нормално да има лични ставови - прераснат во навреди по лична основа, и избегаат од контрола, членовите полека (но сигурно) ќе почнат да го напуштаат форумот. Со тоа, форумот ќе умре, а ние ќе немаме место за дружење. Навистина многу направивме до сега, за да дозволиме тоа да се случи, нели?
Понатаму - сите ние се дружиме тука на форумот, но се дружиме и надвор од него. Размислете дали вреди заради некоја банална работа на форум, да се испокарате со некого кога ќе се видиме на собир, или ќе треба некаде да одиме? Малку детски, нели? Нормално е да постои ривалство помеѓу брендови, и секој да си го брани своето, но не претерувајте. Целта е дружење, опуштање и соработка. Не е целта мене да ме бараат луѓе на телефон кога сум излезен по работа, да ми кажат дека на форумот стварите излегуваат од контрола. Ова се случило, и не се случило само еднаш.
И самите гледате дека имаме навистина голема толеранција за оф-топик. Но таа толеранција почнува да се злоупотребува, и секој корисен тред да иде у три фине лепе после 10 поста, ради тролање, провоцирање и играње курташак.
Преку форумов имав шанса да запознаам одлични луѓе, со кои сакам да се дружам и во иднина. Многу често сите ние тука си помагаме еден на друг, во било каква ситуација - и тоа е тоа што го прави овој форум различен од другите. Ве молам, најискрено, од срце ве молам, да не дозволиме форумот да пропадне, а тоа не зависи само од мене. Најлесно што можам да направам е да го исклучам форумот, и да не се замарам повеќе, ама после се што направивме, навистина не сакам да го направам тоа.
Поздрав.