Компактен спортски турер - вака ја „крстија“ новата генерација на Б-класата на Мерцедес. Може и комотно да им поверуваме на зборовите, бидејќи надворешниот изглед е драстично понервозен во однос на претходникот, со што се потенцира спортскиот потенцијал на автомобилот, чија внатрешност изобилува со многу простор... Па на тој начин, се остварува речиси идеална комбинација од динамичност и практичност, спакувани во симпатичен пакет, кој на своето чело, гордо ја носи трикраката ѕвезда.
Не е се’ до шминката, се разбира... Посветено е време и на механиката која се крие зад убавото тело. Со претставувањето на новата Б-класа, паралелно се претставуваат и новиот четири-цилиндарски бензинец со директно вбризгување и турбо натполнење, новиот дизел агрегат, новиот систем за пренос со двојна спојка, новиот мануелен систем за пренос и неколку нови електронски „дадилки“. Др. Томас Вебер, кој е член на Бордот на Менаџери, вели дека ниеден модел на Мерцедес-Бенз до сега, не претставил толкав број на новитети, во еден замав.
Внатрешноста плени со опивачка аура, која се карактеризира со префинетост, шарм, и се разбира, онаа задолжителна нишка на врвен квалитет. Има доволно простор за да се одржи регионален турнир во мал фудбал, а во зависност од состојбата на банкарското салдо, варира изгледот на кабината и потеклото на употребените материјали.
Со цел агресивниот изглед да не остане само „ветер и магла“, претставени се нови четири-цилиндарски мотори, од кои два бензинци, со моќност од 122 КС за послабиот, и 156 КС за посилниот мотор, и два дизели, кај кои едниот развива 109 КС, додека посилниот развива 136 КС. Кај сите ново-претставени мотори, карактеристична е достапноста на силата уште при ниски вртежи, благодарение на турбо-натполнењето.
Новитет во оваа класа е и 7-степениот менувач со двојна спојка, кој одлично соработува со погонскиот агрегат и беспрекорно ги менува степените, со што одлично ги комбинира комфорот на автоматскиот и ефикасноста на рачниот менувач.
Новиот 6-степен мануелен менувач има исклучително компактни димензии, и е одлично оптимизиран да понуди лесен пренос на степените, мала тежина и низок степен на триење на самите елементи во менувачката кутија.
Се разбира дека како и кај секој модерен автомобил, и кај овој има една плејада акроними кои означуваат различни електронски системи за зголемување на безбедноста и на комфорот.
Светската премиера на новата Б-класа ќе се одвива на Салонот за Автомобили во Франкфурт, од 13 до 25 септември. На пазарите во Европа ќе се појави само два месеци после премиерата.
(
автор: Кристијан Ивановски)