Денес во Битола се случи скандал кој наликуваше на сцена од некој каубојски филм.
Некаде помеѓу 17 и 18 часот се случуваше вистинска драма на паркингот кај Стара автобуска - Комплекс Банки, кога директорот на Македонски пошти во Битола, господинот Евдал Акифи одбил да го плати билетот за паркинг местото кое го користеше.
Акифи го зел билетот од влезниот терминал и заминал на излезната рампа, чекајќи истата да се отвори, без да плати за времето поминато на паркинг местото.
Господинот бил со автомобил од марката Skoda, со регистерски таблички SK 724 UV. Откако вработената во „Градски паркинзи“ му рекла дека мора да плати за да биде поништен билетот, Акифи настапил каубојски велејќи и дека нема зошто тој да плати, па си поминал преку рампата, оштетувајќи ја.

Откако ја искршил рампата со својот автомобил, на вработените во „Градски паркинзи“, кои биле таму, им рекол дека ќе оди да го земе камионот и да им покаже кој треба да плати за паркинг.
Бргу после тоа се вратил на местото со службеното комбе и со голема брзина поминал преку влезната рампа , не земајќи билет, и ја оштетил , а продолжил и кон излезната, која веќе скршена ја докршил.
За да докаже кој е главен, свртил уште едно кругче пред кабината за наплата и заминал кон ул. Никола Тесла - Стоковната куќа Марди. Враќајќи се во рикверц го удрил и терминалот со што го искршил, исто како и рампата.

Овој вандалски настан бил пријавен во полиција, и истата пристигнала за 15 минути на местото на настанот. Службените лица направиле записник и зеле изјави од очевидците, како и од вработените Т.С и Д.Д и од двајца вработени во ProAlarm кои можат да ја потврдат приказната.
За да случајот биде е баш како филмска сцена, сторителот се вратил уште еднаш и пред очите на шест службени лица од МВР, му наредил на неговиот вработен - шофер на камионот да оди во рикверц и повторно да удри на влезниот терминал, покажувајќи им на полицајците како му сметала наплатната рампа.
Во случајот има инволвирано три возила од поштата и двајца возачи, од кои едниот е директорот на Македонски пошти - Битола, Евдал Акифи.
За овој вандализам сторителите ќе одговараат бидејќи третиот напад на наплатната рампа се случи пред очите на Полицијата.
http://setaliste.com.mk/zivot/3769-vandalski-skandal-vo-bitola