За предвремена отплата на кредитите за стан или куќа и старите и новите корисници нема да ги враќаат субвенциите ако користеле кредит најмалку 10 години
Владата направи измени во проектот "Купи куќа, купи стан", со кои ги подобри и олесни условите за користење на субвенционираните станбени кредити. Измената која важи за сите корисници на кредитите кои ги субвенционира Владата, вклучувајќи ги и тие кои веќе земале таков кредит, е тоа што предвремената отплата не носи обврска за враќање на средствата кои се добиени од државата во време на користењето на кредитот, без разлика на моделот на субвенционирање. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески објаснува дека за да се избегне обврската за враќање на субвенциите, кредитот треба да се отплатува најмалку 10 години, односно предвреме да се отплати по истекот на 10 години. Вкупниот рок за отплата на кредитите од проектот "Купи куќа, купи стан" е 20 години.
Друга голема измена е тоа што граѓаните кои ќе одлучат да земат кредит за изградба или купување куќа, ќе добиваат поголеми субвенции од државата. Така, наместо половина од ратата во првите пет години од отплатата или половина од учеството за кредитот, државата на граѓаните кои ќе земат субвенциониран заем за куќа, ќе им плаќа 75 отсто. Ова се прави за да се изедначат со корисниците на кредити за купување стан, зашто кога се гради куќа има дополнителни давачки за земјиште и слично.
- Тоа значи дека ако максималниот кредит што може да се добие е 50.000 евра, вкупната субвенција од Владата може да достигне до 15.000 евра. Пренесено на рати, за тој кредит ратата во првите три години од отплатата изнесува 330 евра, а во четвртата и петтата година 345 евра. Со оваа измена ако ратата е 330 евра, 247 евра плаќа Владата, а 83 евра граѓанинот во првите три години. Приближен е износот и во четвртата и петтата година од отплатата. Тоа е многу поповолно од досегашните услови - вели Ставрески.
Ист процент на субвенција има и за моделот половина учество. Наместо 50%, сега Владата субвенционира 75% од учеството што се плаќа за кредитот. Ако за кредит од 50.000 евра учеството изнесува 12.500 евра, досега од нив државата обезбедуваше 6.250 евра. Сега од учеството државата обезбедува 75%, односно 9.375 евра, а останатите 25% треба да ги обезбеди кредитокорисникот.
- Сумарно, во двата модела, значи дека три четвртини од месечната рата во првите пет години или три четвртини од учеството обезбедува владата, а една четвртина граѓанинот. Ова се однесува само за граѓаните кои земаат кредит за куќа - потенцира Ставрески и додава дека поволностите од измените на проектот ќе се применуваат само за новите кредитокорисници.
На барање на граѓаните, субвенциониран кредит нема да се дава само за изградба на сопствена куќа, туку и за купување куќа која ја изградило правно лице или куќа во типска населба. Исто така, субвенциониран кредит ќе може да земат и граѓаните кои имаат помала куќа или барака, која сакаат да ја урнат и да изградат поголема, како и за доградба на постоечки објект.
Ставрески потенцира дека нема измени на проектот "Купи куќа, купи стан" во делот со кој примањата на кредитобарателите се ограничуваат на 900 евра, ниту пак во вредноста на станбениот квадрат, кој е ограничен исто така на 900 евра со ДДВ, бидејќи, како што вели, намерата е да им се помогне на граѓаните кои не можат да си обезбедат доволно средства за да дојдат до покрив над главата.
Вицепремиерот потенцира дека овој проект е повеќегодишен, програмата со определените средства ќе се објавува годишно, а Министерството за финансии ќе ги разгледува барањата за кредити на секои 45 дена, за да не чекаат кредитобарателите до крајот на годината. (С.Ву.)
Лани, од јуни до декември пуштени во употреба 40 згради
Во периодот од јули до декември минатата година се издадени 53 одобренија за употреба, а проценетата вредност на објектите изнесува 1,19 милијарди денари. Според соопштението од Државниот завод за статистика, според издадените одобренија за употреба 40 (75,5%) од вкупниот број на издадени одобренија за употреба се наменети за објекти од високоградба, осум (15,1%) за објекти од нискоградба и пет (9,4%) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 53 објекти, на 38 (71,7%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 15 објекти (28.3%) инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е одобрена употребата на 66 станови со вкупна површина од 6.281 квадратни метри.
Нема зголемување на даноците
Додека ВМРО-ДПМНЕ формира Влада, даноците нема да се зголемуваат и ќе се задржи политиката на најниски даноци во Европа, изјави вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, како одговор на забелешката на академик Таки Фити дека даноците на среден рок треба да се зголемат, зашто на ова ниво се неодржливи.
- Даночната политика во Република Македонија е најповолна во Европа, така што корекција на даноците нема да има. Ќе се обидеме да ги задржиме на ова ниво за разлика од сите други земји коишто во меѓувреме ги зголемија - нагласи Ставрески.
Тој информира дека во тек се разговори со руската страна во врска со приклучување на Македонија на гасоводот "Јужен тек". Исто така, додаде дека кредитот од Дојче банка од 250 милиони евра добиен со гаранции на Светска банка пред една недела легнал на сметката на државата.
од кога бидоа дека имаат многу мал интерес,владава се реши на промени.
ШТО МИСЛИТЕ СЕГА СО НОВИТЕ ИЗМЕНИ ДАЛИ СЕ ИСПЛАЌА ДА СЕ ВЛЕЗЕ ВО ИГРА И КОЈ МОДЕЛ Е НАЈДОБАР СПОРЕД ВАС?