Лошите вести од САД ја намалија цената на црното злато
Цената на нафтата денеска се приближила до осуммесечниот минимум од 82 долари за барел, по лошите податоци за вработеноста во САД, кои поттикнале продажба на акциите и суровините.
Нафтата за терминска испорака во јули, во електронското тргување на Њујоршката трговска берза, е тргувана по 82,14 долари за барел, 1,09 долари помалку, што е најниско ниво од октомври.
На меѓународната берза на петролеј во Лондон, северноморската нафта “брент“ за јулската терминска испорака била во пад од 1,07 долари за барел и чинела 97,36 долари за барел.
Американското министерство за труд соопштило дека работодавачите во САД во мај отвориле 69.000 нови работни места, најмалку во последната година и доста помалку во однос на очекувањата на економистите. Стапката на невработеноста пораснала за прв пат од јуни минатата година на 8,2 од 8,1 отсто.
Тоа е трети месец по ред податоците за вработеноста во САД да бидат лоши, што укажува на фактот дека економијата забавува и дека побарувачката на нафта оваа година најверојатно ќе биде помала од очекуваното.
Сировата нафта минатиот месец поевтинила за 23 отсто, поради знаците на забавување на глобалниот економски раст.
Трговците со нафта често пати ја анализираат глобалната берза како показател за вкупната доверба на инвеститорите, а азиските акции денеска значително се намалиле, откако индустрискиот индекс Доу Џонс потонал за 2,2 отсто.