Нафтата набрзо ќе достигне 120 денари?
Вчерашната корекција на малопродажните цени на нафтените деривати не беше толку експонирана во медиумите, но малку нè изненади. Вкупното поевтинување, иако минимално, служеше за накратко да ја заузда галопирачката цена. Цените на нафтените деривати се одредуваат по влијание на соодносот денар-американски долар и цената на нафтата на светските берзи. Сепак, голем удел имаат и давачките кон државата што зафаќаат голем дел од крајната цена што ја плаќа македонскиот граѓанин. Но, најновите промени на цените на нафтените деривати веќе почнуваат да се граничат со мерка на лудило.
Смирете се, сепак 120 денари за литар нафта нема да плаќаме веднаш. Постепено, ќе ни ја зголемуваат цената на нафтата, секои две недели, по некој денар, за до крајот на годината да ја достигнат оваа цена. Се очекуваат постепени зголемувања од по четири до пет денари, наместо досегашните максимум два и половина денари. Шоковите ќе дојдат постепено, на неколку рати, за да не ни бидеме свесни дека еден ден ќе плаќаме две евра за литар нафта. Цените на нафтата се доведени до 80 денари и веќе два месеца се вртат околу оваа бројка. Иако најавуваа дека оваа гранична цена нема да биде помината, се случи и тоа.
Интересна е реакцијата, односно нереакцијата на граѓаните. Сите се однесуваат како да имаат доволно пари да плаќаат олку висока цена на нафтата. Јасно е дека ако цените продолжат да растат, со ова темпо, наскоро за многумина ќе стане луксуз да си дозволат да го користат автомобилот, макар имале и итни обврски. Зошто кај нас нема здруженија на граѓани, стопански комори, па и обични луѓе кои ќе реагираат на сето ова, останува нејасно. Зар и луѓето и фирмите станаа рамнодушни на секој нов ценовен шок? Интересно е и што во светот цената на нафтата не расте воопшто. Напротив, во овој период е особено стабилна, нафтени деривати има доволно, кризата е ставена во нормала. Што е она што ги предизвикува толку високите цени на нафтени деривати кај нас е тешко да се објасни.
Веројатноста дека одредени рафинерии и лоби-групи, имаат право на монопол на одредувањето на цената, станува сè поочигледна. Не би било изненадување кога еден ден ќе плаќаме поскапа електрична енергија, вода, парно, многу поскапи отколку во светот. Ако мислевте дека сега живееме скап живот, почекајте, засега сме само на почеток.